Кристијан Корабоски, осомничен за тешката телесна повреда на Сара Ѓоргиеска од Охрид, повторно е приведен во полициска станица, дознава „Слободен печат“ од полициски извори.
Корабоски претходно доби кривична пријава за „тешка телесна повреда“, откако неговата девојка го пријави дека викендов ја нападнал и ја исфрлил од автомобил пред супермаркет во Охрид. По барање на Обвинителството, судот му определи мерки на претпазливост – забрана да ѝ се приближува на помалку од 50 метри, одземање на пасошот и обврска редовно да се јавува во судот.
Случајот предизвика силни реакции во јавноста, особено по објавата на мајката на девојката, Ирена Ѓоргиеска, која изнесе дополнителни тешки обвинувања за случувањата по нападот. Таа тврди дека додека Сара била во бессознание, осомничениот мислел дека е мртва и побарал помош од својот татко како да се ослободи од нејзиното тело. Според нејзините наводи, таткото му давал насоки што да направи.
Мајката на претепаната девојка тврди дека насилникот во Охрид сакал да ја „докрајчи“
Мајката тврди и дека телефонот на нејзината ќерка бил намерно искршен, со што ѝ била оневозможена можноста да побара помош. Во објавата пренесе и наводни зборови што, според неа, Сара ги слушнала додека била во беспомошна состојба.
Таа побара случајот да биде целосно расветлен и да нема привилегирање на осомничениот поради наводни политички и семејни врски.
По овие нови наводи, Обвинителството најави дека ќе земе исказ од девојката во болницата, со цел да се утврдат околностите и да се процени дали има основа за евентуална преквалификација на кривичното дело.
Корабоски е пријавен и за управување возило под дејство на алкохол. Според досегашните информации, алкотестот покажал 1,29 промили алкохол во крвта.
Претседателот на Основниот суд во Охрид, Бојан Мартиноски, претходно за „Слободен печат“ изјави дека Обвинителството побарало мерки на претпазливост, а не притвор, поради што судијата на претходна постапка ги определил токму тие мерки. Корабоски има забрана за приближување до Сара на помалку од 50 метри, одземен му е пасошот и има обврска секој втор понеделник да се јавува во судот.
Републичкиот јавен обвинител Ненад Савески, пак, изјави дека се преземаат сите истражни дејствија за целосно расветлување на случајот. Тој посочи дека е запознаен со текот на постапката преку раководителот на Основното јавно обвинителство Охрид и дека очекува да биде известен за понатамошните чекори на надлежниот обвинител.
Во меѓувреме, директорот на болницата „Св. Еразмо“ во Охрид, Харалампие Шокаровски, изјави дека Сара ќе биде пуштена на домашно лекување. Кај неа биле констатирани набиеници и модринки, а биле извршени и повеќе дијагностички испитувања, меѓу кои и компјутерска томографија на главата.
Случајот предизвика реакции и од политичките партии, кои го осудија насилството. Форумот на жени на СДСМ најави протест пред полициската станица во Охрид, со почеток во 18 часот. Во одделна постапка, полицијата го задржа и таткото на Сара поради пријава за упатени закани кон семејството на осомничениот.
„Доста е молк и неказнивост“ – протест пред СВР Охрид за поддршка на Сара









