Горивата од полноќ повторно ќе поевтинат, откако Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука за намалување на малопродажните цени во просек за 2,43 проценти.
Најпродаваните бензини Еуросупер 95 и Еуросупер 98 ќе се продаваат по цена пониска за два денари од литар. Така, литар Еуросупер 95 ќе чини 84 денари, додека Еуросупер 98 ќе се продава за 86 денари.
Поголемо намалување е предвидено кај дизелот, чија цена се намалува за 2,5 денари и од утре ќе изнесува 92 денари за литар. Екстра лесното масло за домаќинство поевтинува за три денари, па новата цена ќе биде 100,50 денари за литар.
Од Регулаторната комисија посочуваат дека одлуката е донесена поради намалувањето на цените на нафтените деривати на светските пазари. Во споредба со претходната пресметка, референтните цени на бензините бележат пад од речиси 7,5 проценти, додека кај дизелот намалувањето е нешто над четири проценти.
При утврдувањето на цените се земени предвид и владините мерки, односно намалените акцизи за еден денар кај бензините и за четири денари кај дизелот, како и повластената стапка на ДДВ од 10 проценти за дизелот.









