Обвинителството поднесе обвинение против Кристијан Корабоски за три кривични дела поврзани со насилството врз Сара Ѓоргиеска од Охрид – телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста. За него е побаран и притвор.
Според информациите од Основното јавно обвинителство Охрид, во рамки на семејното насилство, обвинетиот противправно ја затворил Сара, физички ја нападнал, ѝ нанел повреди и ѝ ја загрозил сигурноста.
По преземените итни дејствија, јавниот обвинител ја испитал оштетената во присуство на претставници на социјалните служби, а било наредено и извршено вештачење за утврдување на видот и карактерот на повредите.
Заедно со обвинението, до Основниот суд во Охрид е доставен и предлог за определување мерка притвор. Од Обвинителството информираат дека обвинетиот бил обезбеден во текот на целата постапка.








