Триесет и едногодишниот К.К од Охрид, осомничен за бруталниот напад врз својата 26-годишна партнерка Сара Ѓоргиевска, доби мерки на претпазливост, наместо притвор. Против него е поднесена кривична пријава за „тешка телесна повреда“, а судот му забранил да ѝ се приближува и да ја контактира девојката.
Според информациите од полицијата, нападот се случил на 15 ноември, околу два часот по полноќ. По претходна расправија во домот на осомничениот, конфликтот продолжил во автомобилот, каде што тој физички ја нападнал партнерката. Откако го запрел возилото, нападот продолжил, при што девојката изгубила свест.
Таа најпрво била пренесена во Општата болница во Охрид, а потоа во специјалната болница „Св. Еразмо“, каде што ѝ биле констатирани тешки телесни повреди. Осомничениот бил приведен неколку часа по настанот, во 5:05 часот.
Во случајот е отворена и постапка поврзана со закани кон семејството на осомничениот. Неговата мајка пријавила дека таткото на Сара му упатувал закани на нејзиниот син и на целото семејство преку телефон. Таткото на девојката бил приведен истиот ден, а против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Случајот предизвика големо внимание во јавноста, особено по претходните тврдења на мајката на Сара за околностите на нападот и настаните по него.









