Форумот на жени на СДСМ утре со почеток во 18 часот, ќе организира протест пред СВР Охрид, во знак на поддршка на 26-годишната Сара Ѓоргиеска, која беше брутално претепана од својот партнер, но и на сите жени жртви на насилство.
Од Форумот ги повикаа и охриѓани да им се приклучат на протестот, со цел, како што наведуваат, да се испрати порака против насилството, неказнивоста и институционалното непостапување.
Во повикот за протестот, од СДСМ упатија критики до институциите, обвинувајќи ги дека не обезбедуваат соодветна заштита и одговорност во случаите на насилство врз жените.
„Сара заслужува правда, сигурност и заштита, како и секоја жена. Не смее да има заташкување на насилството, одговорност мора да има без разлика на партиски, семејни и политички врски“, наведуваат од Форумот на жени.
Од таму порачуваат дека протестот е повик за правда и одговорност, а од институциите бараат доследно постапување и заштита на жртвите.
„Доста е молк! Доста е неказнивост! Доста е заштита на насилниците! За Сара. За сите жени. За правда и одговорност!“, порачуваат од Форумот на жени на СДСМ.









