Жителите на неготинското село Пепелиште се револтирани поради честите прекини во снабдувањето со електрична енергија. Според нивните реакции, струјата периодично снемува секој ден во неделата, што им го отежнува секојдневието и отвора прашања за сигурноста на електродистрибутивната мрежа.
Од „Електродистрибуција“ велат дека ја следат состојбата со краткотрајните, непланирани прекини на 10-киловолтниот извод Пепелиште и дека работат на изнаоѓање долгорочно решение за стабилизирање на снабдувањето.
Како причина за прекините, компанијата го посочува сезонското групирање на птиците и нивното слетување на далекуводот.
„Електродистрибуција посветено ја следи состојбата со краткотрајните непланирани прекини во снабдувањето со електрична енергија на 10 kV извод Пепелиште и работи на пронаоѓање на долгорочно решение за стабилизирање на снабдувањето. Овие прекини се поврзани со сезонското групирање на птиците и нивното слетување на далекуводот. Екипите на компанијата веќе имаат спроведено вонредни инспекции и ги имаат санирано детектираните дефекти на далеководната мрежа. Во насока на заштита на биодиверзитетот и елиминирање на ваквите појави, веќе се работи на усогласување на технички решенија со експертите за стандардизација. Приоритетот на компанијата е долгорочно и одржливо решение кое ќе обезбеди непречено снабдување со електрична енергија во селото Пепелиште, преку решенија кои истовремено ја земаат предвид потребата од заштита на птиците и природната средина“, велат од ЕВН за „Коректив“.
Во тек е усогласување на можните мерки со експерти за стандардизација, со цел да се спречат ваквите појави, а истовремено да се заштитат птиците и природната средина.
„Електродистрибуција“ посочува дека приоритет е да се обезбеди долгорочно и одржливо решение што ќе овозможи непречено снабдување со електрична енергија во Пепелиште.
Инаку, според македонското законодавство, птиците се заштитени од нелегално уништување со Законот за заштита на природата, Законо за лов и Кривичниот закон, според кои убивање, мачење или криволов на птици се казнува со парични или затворски казни.








