Случајот со 31-годишниот охриѓанец кој брутално ја претепал својата девојка и ја оставил без свест на улица добива нови вознемирувачки детали.
Мајката на девојката, која сè уште се наоѓа во болница, изнесе сериозни обвинувања за случувањата по нападот, тврдејќи дека осомничениот мислел оти ќерка ѝ е мртва и побарал помош од татко му како да се ослободи од нејзиното тело.
Во својата објава, мајката тврди дека момчето го контактирало татко си додека Сара била во бессознание, барајќи совет како да се ослободи од нејзиното тело. Таа наведува и дека телефонот на девојката бил искршен, дека лицата од неговото опкружување одбивале да ја однесат во болница и дека во еден момент осомничениот наводно побарал нож за да ја „докрајчи“. Според нејзиното сведоштво, Сара дошла при свест пред тој да успее да ја однесе и да ја фрли во провалија.
Мајката изнесува и сомнежи дека роднина на осомничениот се обидела да влијае врз медицинскиот извештај, со цел повредите да бидат прикажани како полесни. Таа стравува за безбедноста на ќерка си и бара институциите целосно да го расчистат случајот.
За настанот се огласи и тренерот Бобан Наумовски, кој потврди дека ги познавал и Сара и осомничениот како членови на теретаната во која работи. Тој посочи дека момчето во средината го познавал како мирен спортист, што, според него, ја прави случката уште потешка за прифаќање, бидејќи, како што пишува тој на социјалните мрежи, оичигледно се работи за психопат.
Од СВР Охрид потврдија дека на 15 ноември, во 5:05 часот, бил приведен 31-годишен охриѓанец по пријава дека физички ја нападнал својата девојка. Полицијата најави дека по целосното документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
Директорот на болницата „Св. Еразмо“ претходно информираше дека кај девојката биле извршени повеќе дијагностички испитувања, вклучително и компјутерска томографија на главата, при што биле констатирани хематоми, модринки и нагмечувања. Таа останала на болничко лекување и опсервација.









