Иако три четвртини од возрасните граѓани во Македонија имаат дебитна картичка, тоа не значи дека ја користат и за плаќање при онлајн купување. Напротив, половина од оние што купуваат преку интернет и понатаму плаќаат исклучиво во готовина кога ќе им биде доставен производот. Податоците откриваат дека дигитализацијата на купувањето не ја следи со исто темпо и дигитализацијата на плаќањето, а возраста, местото на живеење и приходите имаат значително влијание врз изборот на потрошувачите.
Ова го покажува новата анализа на Асоцијацијата за е-трговија на Северна Македонија (АЕТСМ), изработена со поддршка на Visa и презентирана на деветтата Регионална конференција за е-трговија во Скопје. Истражувањето укажува на јазот меѓу пристапот до финансиски услуги и нивната реална употреба во секојдневниот живот.
Според податоците, 84,3 проценти од возрасното население има сметка во финансиска институција, а 75,2 проценти поседува дебитна картичка. Иако овие показатели се блиску до оние во Србија и до просекот на економиите со повисок среден доход, употребата на дигиталните услуги е значително помала.
Само 27,4 проценти од граѓаните користеле мобилен телефон или интернет за плаќање сметки, додека во споредбената група економии тој удел изнесува 61,8 проценти. Сличен јаз има и кај онлајн купувањето производи и услуги – дигиталните канали за оваа намена ги користат 28 проценти од возрасните во земјава, наспроти 60,4 проценти во економиите со повисок среден доход.
Половина од онлајн купувачите не плаќаат со картичка
Разликата меѓу онлајн купувањето и начинот на плаќање најдобро се гледа во податоците за навиките на потрошувачите. Анализата на микроподатоците од истражувањето Global Findex 2025 на Светската банка, собрани во 2024 година, опфаќа 263 испитаници кои купувале физички производи преку интернет.
Од нив, 50 проценти плаќаат исклучиво во готовина при достава, 37,2 проценти понекогаш плаќаат во готовина, а понекогаш онлајн, додека само 12,7 проценти целосно се потпираат на дигитални плаќања.
Тоа значи дека 87,3 проценти од онлајн купувачите користат готовина барем повремено. За споредба, во економиите со повисок среден доход 90,9 проценти од онлајн купувачите користат дигитално плаќање, додека во Србија уделот е 49,3 проценти.
Возраста е клучна: над 80 проценти од повозрасните плаќаат во готовина
Една од најизразените разлики се забележува меѓу возрасните групи. Кај онлајн купувачите на возраст од 15 до 34 години, 40,3 проценти плаќаат исклучиво во готовина. Кај лицата од 35 до 54 години уделот е 49,4 проценти, а кај оние на возраст од 55 години и повеќе достигнува 81,8 проценти.
Практично, повеќе од осум од десет повозрасни граѓани кои купуваат преку интернет избираат да платат во готовина при достава. Дополнителната статистичка обработка покажува дека возраста останува силно поврзана со изборот на готовинско плаќање и кога се земаат предвид други демографски и социоекономски фактори.
Разлики има и меѓу урбаните и руралните средини. Во руралните подрачја 60 проценти од онлајн купувачите плаќаат исклучиво во готовина, додека во градовите тој процент е 41,4.
Приходите исто така влијаат врз платежните навики. Кај граѓаните од двата најниски доходовни квинтили, 66,5 проценти плаќаат само во готовина, наспроти 43,2 проценти кај оние со повисоки приходи. За разлика од овие фактори, полот речиси и да нема влијание – готовинско плаќање избираат 50,5 проценти од жените и 49,6 проценти од мажите кои купуваат онлајн.
„Дигитализацијата на купувањето не значи автоматски и дигитализација на плаќањето“
Претседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Северна Македонија, д-р Нина Ангеловска Станков, оценува дека податоците откриваат парадокс во домашната е-трговија – и покрај широката распространетост на банкарските сметки и платежните картички, значителен дел од потрошувачите сè уште не ги користат за онлајн плаќање.
„Денес веќе не е доволно да зборуваме само за тоа колку граѓани купуваат онлајн. Треба да погледнеме и како го завршуваат купувањето. Податоците покажуваат еден интересен парадокс – имаме висока распространетост на банкарски сметки и платежни картички, но половина од онлајн купувачите и понатаму плаќаат исклучиво во готовина при достава. Тоа значи дека дигитализацијата на купувањето не значи автоматски и дигитализација на плаќањето“, вели Ангеловска Станков.
Според неа, за поголема употреба на дигиталните плаќања потребно е да се работи на довербата, дигиталната писменост и на тоа безготовинското плаќање да биде едноставен и безбеден избор за сите генерации.
Не е решение укинувањето на готовината, туку поголема доверба во дигиталните плаќања
Наодите покажуваат дека самото поседување платежна картичка не е доволно за промена на навиките. За граѓаните почесто да избираат дигитално плаќање, потребни се подобро корисничко искуство, поголема информираност и доверба во безбедноста на трансакциите, но и дополнителни стимулации за користење безготовински методи.
Анализата не го поставува укинувањето на плаќањето при достава како решение. Овој начин на плаќање и натаму има значајна улога во домашната е-трговија. Предизвикот е да се создадат услови дигиталното плаќање да стане подостапна и попривлечна опција, особено за повозрасните потрошувачи и граѓаните од руралните средини.









