Венко Филипче донел одлука да ја разреши пратеничката Славјанка Петровска од функцијата заменик-координатор на пратеничката група на СДСМ.
Според информациите на Телевизија 24, Филипче на денешната координативна средба ги известил дел од присутните пратеници дека раководството на СДСМ, на чело со него, донело одлука за разрешување на Петровска. Тој, како што се наведува, веќе го задолжил координаторот на пратеничката група, Оливер Спасовски, да испрати писмо до претседателот на Собранието, Африм Гаши.
На местото на Петровска треба да дојде пратеничката Јованка Тренчевска, која е и потпретседателка на СДСМ.
Според процедурите, писмото треба да го потпишат сите пратеници, меѓу кои и самата Петровска.
Дел од пратениците инсистирале да се отвори дебата за одлуката. Причината е што, според досегашната практика, заменик-координаторите ги определува координаторот на пратеничката група. Сепак, според информациите на Телевизија 24, Спасовски воопшто не бил консултиран за оваа одлука.
Откако ја соопштил одлуката, Филипче го напуштил состанокот, наведувајќи дека има други обврски.
Според неофицијалните информации на Телевизија 24, Петровска го потпишала документот, но побарала образложение за одлуката. Филипче, кој требало да ѝ го даде објаснувањето, веќе не бил присутен на состанокот. Тренчевска, пак, наводно само прокоментирала дека причините биле познати.
Разрешувањето на Петровска доаѓа по нејзината поддршка за „Платформата 12:05“ и нејзиното појавување меѓу организаторите на иницијативата, кои побараа оставка од Филипче. Тие го обвинија лидерот на СДСМ дека работи во интерес на Владата предводена од Христијан Мицкоски и дека ја држи партијата во заложништво поради сопствената слобода.








