Слабостите на високото образование и науката во Македонија не се збир од изолирани и спорадични пропусти на оваа или онаа владејачка партија. Не потекнуваат ниту од новокачениот Курто, ниту од симнатиот Мурто. Станува збор за систем кој четврта деценија создава погрешни и антиразвојни правци, произведува кадри за извоз, а потоа се чудиме на економската стагнација и на нашето тонење на европските и светските скали.
Немањето политички консензус за образованието и науката е една од причините што нè носи во континуитет, сè подолу и подолу.
Kвалитетот под тешката чизма на квантитетот
За да се задоволат партиските болни амбиции на поединци од политичките елити да се сторуваат ректори и декани, дозволивме создавање на несразмерно голем број универзитети и мултиплицирани факултети.
Имаме многу дипломирани, магистри и доктори на науки, а истовремено како да престанавме да препознаваме каде лежи вистинското знаење, научниот авторитет и академската извонредност.
Прашањето веќе не ми е во форма на флоскулата за барање виновници: како дотуркавме дотука?Прашањето ми е: како да излеземе од овој вител на пропаст?
Да се потсетиме на основната функција на Високото образование – фабрика за знаење. Наш производ се луѓе со компетенции неопходни за функционирањето и развојот на државата. Дипломата треба да биде потврда за стекнати знаења и способности, а не хартија накитена со лого, пикната во тутурутка и свечено врачена од ректор или ректорка, натокмени во одора и инсигнии. Фрлени капи во воздух и стотици фотографии кои потсетуваат на холивудска продукција за празноглави.
За жал, дипломата издадена од дел од македонските високообразовни институции сè помалку гарантира дека зад неа навистина стојат знаење, умеење и способности.
Масовизацијата која донесе квантитет, во смисла на хиперпродукција на високообразовани кадри, стана тешка чизма која го погази квалитетот. Критериумите за запишување, полагање и дипломирање во голем дел од институциите се под секое пристојно европско ниво. Ако се направи прописна и независна евалуација на квалитетот, убедена сум дека дел од факултетите не би смееле да ја задржат акредитацијата.
Сум запознала странски студенти кои студираат на студиски програми по компјутерско инженерство во еден приватен универзитет во Скопје, кои наводно слушаат настава и полагаат на англиски, а не можат да водат ни елементарен разговор на тој јазик. Тогаш легитимно е прашањето: како ја следат наставата и како ги положуваат испитите? Дали професорите се ставени во положба да пишуваат преодни оценки само на програмите да имаат студенти, а тие да ги задржат работните места?
Сериозни прашања со години се отвораа и околу Меѓународниот универзитет во Струга. Инспекциските надзори укажуваа на сериозни неправилности, а јавноста заслужува одговор, што се случило со тие наоди и дали институциите постапиле по нив. Ако државата открие незаконско работење, нејзина обврска е да санкционира, а не да се преправа дека има црн превез преку очите.
Но да не покажуваме само со прст кон приватните универзитети. И ние, професорите на државните универзитети, се бориме за место под небото. Стрепиме од затворање програми поради мал број студенти, па и кај нас дозволуваме да се запишуваат и студенти со сериозни дупки од основното образование, а да не говориме за средното.
Сите млади нешто студираат и дипломираат. И секако дека ќе нема кој да ни ги ора нивите, сади житото, пасе овците, бере пиперот и ниже тутунот. Затоа Македонија произведува само 30% од земјоделието, а останатите 70% ги увезува. Од овој факт јас се срамам, и глава веднам. Верувајте не ми се веруваше кога го чув овој податок на едно пленарно предавање на доктоската конференција на УКИМ.
Од борбата за студенти произлезе и пустата инфлација на оценки — тука се ставам и себеси меѓу соучесниците, зашто сметам дека шупелката треба да се прави од дрвото што расте на твојот атар. Па оттука следува и штанцањето дипломи со висок просек.
Разликите во квалитетот меѓу институциите се огромни. Дипломата и просечната оценка постепено престанаа да бидат мерка за стекнатото знаење. Како илустрација за тие фрапантни разлики ќе посочам еден пример. Имено, пред повеќе од една деценија една банка во Македонија објавила конкурс за да вработи десетина информатичари. Според информациите што тогаш ги добив, од неколкуте стотини кандидати, тестот (кодот) со преодна оценка го положиле само дипломираните информатичари од УКИМ. Токму пазарот на трудот понекогаш ја прави најсуровата, но и најрелевантната евалуација: точно си покажува кој универзитет што произведува.
Академското напредување и негативната селекција
Начинот на кој избираме асистенти и професори одамна заслужува сериозно преиспитување. Некои влади се обидуваа да ги кренат критериумите, но без истовремено да обезбедат елементарни услови за научна работа.
За академското напредување, секако, пресудни треба да бидат публикациите и нивниот квалитет. Но ниту една влада досега не создаде долгорочен модел на одржливо, а не спорадично, импулсивно и партиски обоено финансирање на науката.
Се прашувам, како тоа вие, луѓе од власта, прво ја оставате науката без пари, а потоа се дрзнувате да барате од научниците да испорачуваат научни резултати. И ги казнувате поради тоа со несоодветни и противразвојни критериуми.
За поздравување е што продолжи доделувањето средства за трудови објавени во списанија со фактор на влијание, но сегашниот принцип не го вреднува праведно реалниот придонес. Не е исто некој случајно да се нашол на листата автори и некој да го осмислил истражувањето, да ги направил мерењата, да го напишал трудот и да бил прв автор или автор за кореспонденција.
Треба да постои скала што ќе ја зема предвид категоријата на списанието и улогата на научникот во трудот.
И уште нешто: личната парична награда за објавен труд не е исто што и финансирање на науката. Со првото наградуваме поединец а со второто создаваме услови за следното истражување.
Јас сум една од ретките поборници дека критериумите за избор во професорски звања треба да се зголемуваат. Но постепено, во чекори, и тоа паралелно со растот во издвојувањата за наука. Како тоа им барате на младите да истражуваат и објавуваат ако не им давате пари за научни проекти? Од воздух трудови не се прават.
И не мора секој универзитетски наставник по секоја цена да стане редовен професор. Треба да се воведе законски и достоинственото звање предавач за човек кој е извонреден во наставата, но не се занимава сериозно со наука, секако за пониска плата.
Нестимулирачки систем на плати
Начинот на кој се формираат платите во високото образование прилега на навредлива урамниловка: секој работи колку може или колку сака, а на крајот сите добиваат приближно исто.
Сите. И оној што работи вистинска наука, и оној што се шлепува. И оној што создава кадри, и оној што со децении само ги повторува истите лекции. Наставник кој не напишал ни скрипта, а камо ли учебник за својот предмет. Зарем некој што не бил ментор ниту на дипломска, ниту на магистерска, а камоли на докторска дисертација, може да има иста плата како професор кој создал стотина дипломци и десетици магистри и доктори на науки. Таквиот систем не го наградува трудот. Тој го казнува.
Понатаму, платите се исти без оглед дали некој живее и работи во значително поскапиот град Скопје или во град со пониски животни трошоци. Млад асистент во Скопје со истата плата како оној од внатрешноста, реално живее далеку посиромашно. И потоа се чудиме кога младиот асистент ќе си го фати патот и ќе си замине од земјата „Неправдија“.
Затоа, сметам дека се неопходни законски одредби со кои ќе се воведат коефициенти за плати во зависност од тршоците на живеење во соодветниот град.
Брејн дрејн или брејн гејн?
Талентираните млади луѓе ги образуваме со наши пари, а потоа им ги подаруваме на туѓи држави како подарок поскап од 100 илјади евра. Особено лесно заминуваат оние кои барем еднаш добиле можност за академска мобилност и виделе како изгледа систем во кој постојат лаборатории, конкуренција и перспектива. Би било интересно државата да испита колкав дел од корисниците на Еразмус и другите програми за мобилност трајно заминале по дипломирањето.
Уште поважно е дали системот умее да го препознае и задржи најдобриот млад човек. Негативната селекција, неретко обоена со партиски знаменца, му испраќа спротивна порака: не мора да бидеш најдобар, треба само да бидеш најприспособлив. Во таков систем профитира младиот конвертит кој навреме ќе се приклони и вовлече кај гарнитурата што го распишува конкурсот. Ќе добие асистентско место, а потоа, според Првиот Њутнов закон за инерцијата, може со мизерни перформанси да стигне и до доживотното звање, редовен професор. И тогаш може да си остане така закачен како децениска пијавица на каротидата на буџетскиот крвоток. А талентот? Талентот ќе си замине.
Затоа не е доволно патриотски да ги храбриме младите да останат. Или да ги повикуваме нашите најдобри луѓе од дијаспората: „Вратете се дома, ќе ве примиме назад“. Но, каде да се вратат? Во истиот систем од кој избегале?
Ако сакаме brain gain наместо brain drain, мора да им понудиме средина во која ќе можат целосно да се реализираат како научници и професори. Од каде пари? – Да се фузионираат универзитетите.
Кога ќе побарате пари за современа државна истражувачка лабораторија, секој министер за финансии, од која било партија, ќе ви каже: ПАРИ НЕМА!
Но, еве ви еден начин, од каде да се најдат.
Македонија треба паметно и одржливо да го економизира високото образование. Треба сериозно да се разгледа фузионирање на седумте државни универзитети во две поголеми универзитетски целини.
На пример, Скопскиот, Штипскиот, Битолскиот и Охридскиот универзитет би можеле да се фузионираат во една универзитетска структура со повеќе кампуси. Тетовскиот, „Мајка Тереза“ и Штуловиот би можеле да ја сочинуваат втората.
Некои од овие институции кубурат со кадри и бараат професори од други универзитети на испомош, други, пак, имаат кусок на студенти, а истовремено државата финансира паралелни управи, ректори, проректори, декани и дуплирани (мултиплицирани) студиски програми. Фузијата, се разбира, со магично стапче да создаде квалитет. Ако само ги споиме таблите на влезовите, ништо нема да постигнеме. Но, вистинска научна консолидација може за неколку години да донесе една афилијација и единствен систем на публикации, поквалитетни докторски школи, заеднички лаборатории и капитална научна опрема, укинување на непотребно дуплираните програми и насочување на средствата кон десетина силни истражувачки центри.
Таква институција би имала поголем научен капацитет, поголема меѓународна видливост и подобра почетна позиција за европски проекти од програмите на Horizon Europe и универзитетски рангирања.
Фузиите на два или повеќе универзитети не се моја измислица. Такви процеси се спроведувале во повеќе европски и други држави токму заради консолидација на ресурсите, истражувачкиот капацитет и меѓународната конкурентност (пример се некои универзитети од Англија, Португалија, Финска, Кина, Австралија). Наместо да размножуваме ректори и декани како пилци во инкубатор, време е да почнеме да размножуваме лаборатории и добри научници.
Мора да се оформи фонд за наука
Доколку обезбедивме пари, вториот чекор е носење закон за национален фонд за наука.
Фрлањето пари за спорадично купена лабораториска опрема без континуирано финансирање и без млади истражувачки кадри е попусто. Истражувач кој со својата биографија докажал дека знае да истражува и има добра идеја од која државата може да добие знаење, углед или економска корист, треба да има можност да добие мал национален проект. Секако, потребни се и големи проекти.
Фактите говорат дека програмите Horizon Europe не ги користиме доволно. Една од причините е што немаме доволно национални проекти преку кои домашните тимови ќе изградат истражувачка историја и доверба кај странските партнери. Недостигаат и билатералните проекти. Треба итно да се обнови научната соработка, најнапред со Србија, Бугарија, Хрватска и Словенија, каде што постојат истражувачка култура, инфраструктура и традиција на соработка со нашите научници. Без домашна наука тешко се влегува во голема европска наука.
Една државна лабораторија како јадро на нов систем
Шеснаесет години без престан сум евалуатор за Европската комисија за постдокторските стипендии и мрежи „Марија Склодовска-Кири“, а сум била евалуатор и за фламанскиот и српскиот фонд за наука. Ова го кажувам само за да биде јасно дека предлогот не произлегува од романтична претстава за тоа како функционира науката, туку од долгогодишен увид во системите што ја финансираат и критериумите за финансирање.
Инаку, треба да потсетам дека Европа си има историско искуство со brain drain. За време и по Втората светска војна огромен број врвни физичари и математичари заминале во САД. Создавањето на ЦЕРН во 1954 година било дел од европската амбиција повторно да изгради врвна научна инфраструктура.
И резултатот излезе фасцинантен: кога ќе создадете место со врвна опрема, отворен пристап, автономија и мериторна селекција, мозоците не мора да ги молите да дојдат или да ви се вратат. Тие сами доаѓаат на отворените конкурси. Така во ЦЕРН се вратиле од САД многу од заминатите научници. Сличен принцип постои и во Рускиот институт ЈИНР во Дубна близу Москва. Овој модел не бил непознат во југословенски рамки. Создадени се Винча во Белград, Институтот „Јожеф Стефан“ во Љубљана и „Руѓер Бошковиќ“ во Загреб — големи истражувачки центри со инфраструктура што не е затворена во рамките на еден факултет. Токму таков концепт ѝ недостига на Македонија.
Наместо за секој факултет државата да купува по едно скапо парче опрема кое по неколку години ќе собира прашина затоа што нема сервис, реагенси, техничари или критична маса истражувачи, државата треба да изгради национална мултидисциплинарна истражувачка лабораторија, достапна за истражувачите од сите универзитети.
Притоа, оваа лабораторија не мора да се гради од нула. Дел од скапата научна опрема што државата во изминатите години ја набавила и ја распределила по универзитетите денес не е во реална функција или временски е недоволно искористена. Универзитетите што ја добиле често немаат доволно средства за редовно одржување, сервисирање, резервни делови, потрошен материјал и надградба. Така, вредна опрема платена со јавни пари стои неискористена или работи далеку под својот оптимален капацитет.
Затоа, пред да купиме нови милионски инструменти, треба да направиме нешто многу поедноставно: национален попис на научната опрема. Што имаме? Каде се наоѓа? Дали работи? Колку се користи? Колку чини повторно да се стави во целосна функција? Колку ќе чини секоја година неговото одржување во функција заедно со човечките ресусрси за работа?
Наместо скап инструмент да му припаѓа на еден факултет и да работи збирно по неколку дена годишно, треба да биде ставен во функција на заедничка национална инфраструктура, достапна за истражувачите од сите универзитети. Но машината сама по себе не произведува наука. За секој посложен инструмент мора да постојат луѓе што знаат да го користат, одржуваат и развиваат. Затоа, паралелно со реактивирањето на опремата, мора да се отворат работни места за млади истражувачи, инженери и лабораториски стручњаци, кои ќе бидат обучени за нејзино користење и одржување.
Токму на овој начин може да се отвори простор за една нова генерација млади научници кои денес не гледаат перспектива во Македонија. Тука е шансата и за заминатите да се вратат. Така државата нема повторно да троши милиони за да купува нешто што веќе го поседува. Ќе инвестира во она што досега најмногу недостигало — луѓето што ќе формираат тимови и ќе ја претворат скапата опрема во научен резултат.
Во националната лабораторија најдобрите треба да се вработуваат преку отворени конкурси. Таму млад научник со добра идеја треба да може да добие пристап до опрема без да му биде важно на кој декан му се допаѓа, од кој факултет доаѓа или чиј партиски список го красел, чии „плакати лепел”.
И токму тука треба да ја вклучиме македонската научна дијаспора. Колку што знам, имаме извонредни научници во Данска, САД, Канада, Европа и Емиратите. Наместо повремено да ги повикуваме на конференции и да ги злоупотребуваме нивните патриотски чувства, барајќи од нив да ставаат македонска афилијација на трудови создадени во туѓи лаборатории, треба да им понудиме нешто вистинско: можност да помогнат во создавањето нови истражувачки групи и лаборатории во областите во кои веќе се светски конкурентни. Вака е поверојатно дека ќе посакаат да се вратат, натоварени со целото нивно знаење. Кога ќе се вратат тие со себе ќе ги донесат и научните мрежи, стандардите и истражувачка култура. Тоа би било клучната разликата меѓу патриотска парола и државна научна политика.
И можеби токму од таму треба да почне пресвртот: помалку универзитетски табли, помалку ректори и декани, помалку дипломи без покритие — а повеќе лаборатории, повеќе меритократија, повеќе наука и повеќе знаење во функција на растот на економијата и угледот на државата.
Зашто на Македонија не ѝ недостигаат дипломи. Ѝ недостига систем во кој знаењето вреди повеќе од дипломата.
Автор: Проф. д-р Мимоза Ристова
*Ставовите и колумните објавени се лични мислења на авторите и не претставуваат став или уредувачка политика на Коректив.мк. Редакцијата не сноси одговорност за евентуални грешки или штети кои би можеле да настанат од објавените содржини.










