Во Македонија речиси секоја реформа денес се претставува како дел од „дигиталната трансформација“. Се развиваат портали, регистри, мобилни апликации и електронски услуги. Се најавуваат дигитален идентитет, вештачка интелигенција и институции поврзани преку интероперабилни системи.
На хартија, иднината веќе пристигнала.
Во практиката, граѓанинот неретко пополнува електронско барање, го печати, го потпишува, го скенира и повторно го испраќа. Потоа оди на шалтер за да провери дали е примено. Дали е тоа дигитализација или само електронска верзија на старата бирократија? PDF-документот не е дигитална трансформација.
Постојат три различни нивоа што често погрешно се користат како синоними. Дигитизација е кога хартиениот документ ќе се претвори во електронски документ. Дигитализација е кога технологијата ќе се употреби за подобрување на определен процес. Вистинска дигитална трансформација е кога процесот целосно ќе се преиспита.
Тоа значи да се праша: Зошто воопшто го бараме овој документ? Дали друга институција веќе го поседува податокот? Дали граѓанинот треба повторно да докажува нешто што државата веќе го знае? Може ли определено право автоматски да се препознае без ново барање?
Ако лошо осмислена административна постапка само ја префрлиме на интернет, нема да добиеме подобра постапка. Ќе добиеме побрза и поскапа верзија на истиот проблем. Постои напредок, но и сериозни предупредувања
Македонија ја усвои националната Стратегија за развој на ИКТ – СМАРТ/МК 2030. Во неа како клучни области се утврдени ИКТ-инфраструктурата и поврзливоста, дигиталните компетенции и инклузивноста, е-управувањето, развојот на дигиталната економија, сајбер-безбедноста и новите технологии.
Националниот портал за е-услуги се развива, а отворањето на шеснаесеттиот центар за е- услуги претставува обид услугите да им се доближат и на граѓаните што немаат доволно вештини, опрема или можност самостојно да ги користат електронските системи.
Во Извештајот за Македонија за 2025 година, Европската комисија забележува дека понудата на Националниот портал била проширена со 26 нови услуги што се меѓу најбараните од граѓаните. Дел од личните документи, како изводите од матичните книги и уверенијата за државјанство, станале достапни онлајн.
Тоа е важен напредок. Но истиот извештај предупредува дека употребата на Регистарот на население останува ограничена, електронската идентификација и електронските потписи сè уште не се доволно едноставни и бесплатни за граѓаните, а примената на Законот за општа управна постапка не е систематска во целата администрација. Европската комисија дополнително укажува на потребата од вработување и задржување повеќе ИТ-кадар во јавната администрација.
Оттука, дилемата не е дали Македонија има портали. Ги има. Прашањето е дали институциите зад порталите се организациски, кадровски и технички подготвени да работат како една поврзана дигитална држава.
Може ли да дигитализираме институции без да ги измериме вештините на службениците? Проценката на дигиталните вештини изработена од Меѓународната телекомуникациска унија во 2021 година ги опфати приватниот сектор, стартапите и образованието, но експлицитно ја исклучи јавната администрација.
Тоа значи дека се обидуваме да дигитализираме институции без да имаме целосна и редовно ажурирана слика за дигиталните способности на луѓето што треба да управуваат со новите системи. Не е доволно службеникот да знае како да се најави на платформата. Тој треба да ја разбира логиката на системот, квалитетот на податоците, правилата за заштита на личните податоци, сајбер-безбедносните ризици и постапката при техничка грешка.
Ако службеникот не го разбира системот, ако регистрите не комуницираат меѓу себе и ако одговорноста за секоја грешка се префрла врз корисникот, тогаш не сме создале дигитална држава. Само сме поставиле електронски шалтер пред старата административна култура.
И уште нешто: Отворањето на Академијата за дигитални вештини при Министерството за дигитална трансформација е позитивен чекор, но начинот на вклучување преку доброволен повик отвора важна дилема.
Ако дигиталното работење станува составен дел од јавната администрација, тогаш основните дигитални компетенции не можат да зависат само од личниот интерес на службеникот да се пријави. Повикот е оправдан за пилот-групи и напредни специјализации, но основната процена и обука треба да бидат задолжителни, засновани врз работната улога и внесени во годишните планови за професионален развој.
Дополнително, потребно е јасно разграничување и координација меѓу Академијата за дигитални вештини на МДТ и законски воспоставената Академија за стручно усовршување на административните службеници при Министерството за јавна администрација. Во спротивно, ризикуваме паралелни структури наместо единствен и одржлив систем за развој на компетенциите.
Повикот е разбирлив за пилот-група или за напредни специјализирани обуки, но не е добар модел за основните дигитални вештини на администрацијата. Кога учеството зависи од лична иницијатива, најчесто се пријавуваат оние што веќе се мотивирани и дигитално поспособни. Службениците со најголема потреба од обука можат воопшто да не се пријават. Така Академијата го обучува полесно достапниот кадар, а не задолжително кадарот што му е најпотребен на системот.
Зошто тогаш МДТ користи повик?
Од објавените информации не е наведено образложение, но да ги претпоставиме причините:
ова е прва или пилот-генерација со ограничен број места;
постојат различни специјализирани обуки, па се бара интерес од службениците;
ова е проект и зависи од донаторот
МДТ нема директно овластување самостојно да им наложи обука на сите службеници во другите институции;
институциите треба да ги номинираат или ослободат вработените од работа за да ја посетуваат обуката;
напредните теми не се релевантни за секое работно место.
Но токму тука се појавува и институционален проблем: формалната Академија за стручно усовршување и обука на административните службеници е основана со закон како орган во состав на Министерството за јавна администрација (МЈА), додека МДТ сега промовира
„Академија за дигитални вештини“ преку посебен повик. А МЈА веќе подготвува годишни програми за обука на административните службеници. Затоа легитимното прашање е: зошто дигиталните компетенции не се интегрирани како задолжителен дел од системот на Академијата при МЈА, наместо да зависат од доброволно пријавување на повик на МДТ?
Како треба да изгледа моделот?
Не треба сите службеници да посетуваат иста обука, но системот треба да има три нивоа:
1. Задолжителна процена на дигиталните вештини за сите административни службеници.
2. Задолжително основно ниво, приспособено на работното место: електронски документи, е-идентификација, заштита на личните податоци, сајбер-хигиена, пристапност, управување со податоци и користење на државните системи.
3. Специјализирани обуки преку повик или номинација за вештачка интелигенција, анализа на податоци, автоматизација, интероперабилност, сајбер-безбедност и управување со дигитални проекти.
Значи, повикот е соодветен за изборни и напредни обуки, но не и за минималните компетенции неопходни за вршење јавна функција во дигитална администрација.
Кој е одговорен кога системот не функционира?
Дигитализацијата отвора и прашања што ретко се дискутираат јавно. Кој го поседува изворниот код на системот? Каде се чуваат податоците? Може ли институцијата да го замени добавувачот без да ја изгуби функционалноста? Кој одговара ако алгоритам донесе погрешен заклучок? Дали граѓанинот има право на човечка проверка? Колку чини одржувањето по истекот на првичниот договор?
Ако институцијата е целосно зависна од приватен добавувач за секоја промена, надградба или пристап до податоците, тогаш нејзината дигитална самостојност е ограничена.
Затоа јавната набавка на софтвер не смее да се оценува само според тоа дали системот е испорачан во предвидениот рок. Мора да се оценуваат интероперабилноста, безбедноста, пристапноста, сопственоста и преносливоста на податоците, можноста за промена на добавувачот и долгорочните трошоци. Дигиталната трансформација е прашање на управување и јавна одговорност, а не само на технологија.
Бројот на услуги не е доволен показател
Успехот на дигитализацијата најчесто се прикажува преку бројот на нови портали, регистрирани корисници или достапни електронски услуги. Но една услуга може формално да биде „достапна онлајн“, а сепак да бара лично присуство, хартиен документ, скапо електронско потпишување или помош од друго лице.
Затоа треба да се мери:
колку граѓани ја завршиле услугата целосно онлајн;
колку се откажале во текот на постапката;
на кој чекор најчесто се откажуваат;
колку побарале телефонска или непосредна помош;
колку време и пари заштедиле;
колку пати системот побарал документ што друга институција веќе го поседува;
дали услугата може да се користи преку мобилен телефон;
дали е пристапна за лица со попреченост;
дали е разбирлива на јазиците што ги користат граѓаните;
колку приговори и безбедносни инциденти биле регистрирани.
Вистинскиот показател не е дали софтверот е пуштен во употреба, туку дали јавниот проблем е решен.
Дигитално по правило, но не само дигитално
Во Македонија само 28,5% од населението на возраст од 16 до 74 години има најмалку основни дигитални вештини. Кај лицата од 65 до 74 години процентот е само 4,7%, а кај жителите на руралните средини 11,9%.
Со ова ниво на дигитална писменост, целосното затворање на физичките канали би создало сериозен ризик од исклучување на повозрасните, лицата со пониско образование, невработените, руралното население и дел од лицата со попреченост. Затоа соодветен модел за Македонија е „дигитално по правило, но со човечка поддршка“.
Тоа подразбира едноставни електронски услуги, мобилен пристап, телефонска помош, асистирани центри за е-услуги и задржување алтернативен канал додека податоците не покажат дека граѓаните можат самостојно да ја користат услугата.
Целта не е граѓанинот да зависи од помош засекогаш. Целта е системот да му овозможи постепено да стане самостоен и безбеден корисник.
Технологијата мора да биде придружена со доверба
Дигиталната држава собира, поврзува и обработува огромни количини лични податоци. Затоа секоја нова услуга мора да вклучува процена на ризиците за приватноста, сајбер-безбедноста и можната дискриминација.
Граѓанинот треба да знае:
која институција ги користи неговите податоци;
за која цел се обработуваат;
со кого се споделуваат;
колку долго се чуваат;
како може да исправи грешка;
кому може да се пожали;
дали одлуката ја донел човек или автоматизиран систем.
Без овие одговори, дигитализацијата може да биде ефикасна за институцијата, но нетранспарентна и ризична за граѓанинот. Довербата не се создава со промотивна кампања. Таа се гради со функционална услуга, јасна одговорност, минимално собирање податоци и видлив механизам за исправка на грешките.
Иднина или скапа футуристика?
Дигитализацијата ќе биде иднина ако ги поедностави услугите, ги поврзе институциите, го намали административниот товар и им даде поголема контрола на граѓаните врз сопствените податоци и права.
Ќе остане футуристика ако инвестираме во портали без корисници, во софтвер без институционален капацитет, во вештачка интелигенција без квалитетни податоци и во електронски услуги што можат да ги користат само најобразованите и најснаодливите.
Вистинската дигитална држава не го прашува граѓанинот дали може да се приспособи на системот. Таа го приспособува системот на реалниот живот на граѓанинот. Затоа мерката за успех нема да биде колку шалтери сме затвориле. Ќе биде колку граѓани повеќе немаат потреба од шалтер – затоа што услугата навистина функционира.
Пишува мр. Лилјана Пецова Илиевска и извршна директорка на Здружението ИМПЕТУС
*Ставовите и колумните објавени се лични мислења на авторите и не претставуваат став или уредувачка политика на Коректив.мк. Редакцијата не сноси одговорност за евентуални грешки или штети кои би можеле да настанат од објавените содржини.









