Недостигот на финансиски средства го отежнува функционирањето на институцијата Народен правобранител, која се соочува со проблеми во подмирувањето на основните трошоци, меѓу кои и киријата. Народниот правобранител Фатон Селами, предупредува и дека Министерството за финансии досега ги одбивало барањата за нови вработувања.
„Имаме проблеми и со плаќањето на киријата“, вели Селами.
Според него, досегашните обиди за зајакнување на кадровскиот капацитет не вродиле со плод, бидејќи Министерството за финансии ги одбивало барањата за нови вработувања. Селами очекува финансиската состојба да се подобри со претстојниот ребаланс на буџетот или преку дополнителни средства што би ги одобрила Владата.
Паралелно со финансиските предизвици, се подготвуваат и законски измени со кои треба да се зголеми независноста на Народниот правобранител, вклучително и во управувањето со буџетот. Предложеното решение предвидува, во случај на несогласување со Министерството за финансии околу потребните средства, за буџетот да одлучува Собранието.
Измените се важни и за постапката за добивање повисок меѓународен акредитациски статус. Според Селами, нивното усвојување е услов институцијата да поднесе барање за статус А, додека во моментов Македонија има статус Б.
Меѓу предложените новини е и формирање Совет за заштита на човековите права, во кој би биле вклучени претставници од универзитетите и граѓанскиот сектор.








