Само 30 отсто од работните места во Секторот за информатика на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување се пополнети, а институцијата нема ниту вработени задолжени за информациска безбедност. Ова го утврди Државниот завод за ревизија, кој констатирал сериозни слабости во заштитата на информацискиот систем, застарена ИТ-опрема и недостиг на планови за постапување во случај на сајбер-инциденти и прекини во работењето.
Од вкупно 57 систематизирани работни места во Секторот за информатика, пополнети се само 17. Особено загрижувачка е состојбата во Одделението за ИТ-инфраструктура и поддршка, каде што е пополнето само едно од предвидените 13 работни места.
Ревизијата на информацискиот систем на Фондот покажала дека не се воспоставени сите потребни механизми за ефикасна заштита на податоците и ИТ-ресурсите, од кои зависи остварувањето на пензиските и инвалидските права на граѓаните.
Дополнително, Фондот нема усвоена ИТ-стратегија, дел од процедурите не се ажурирани или одобрени, а не биле спроведени ниту законски задолжителните проценки на ризиците.
Само еден денар на секои 10.000 денари исплатени пензии за информациска безбедност
Ревизорите утврдиле слабости и во планирањето на средствата за ИТ-инфраструктурата и безбедноста. Во 2024 година, договорите за јавни набавки во областа на информатичката технологија изнесувале 12,39 милиони денари, односно 2,04 отсто од вкупните расходи на Фондот, без социјалните бенефиции.
Предвидената набавка на дата-центар за складирање податоци, дисковен систем и оптички преклопници не била реализирана поради ограничени финансиски средства. Според ревизорскиот извештај, средствата главно се трошат за тековно одржување, додека значителен дел од потребните инвестиции во информациската безбедност не се опфатени со планирањето.
Во извештајот се наведува и дека средствата за информациска безбедност во 2024 година изнесувале само еден денар на секои 10.000 денари пресметани и исплатени пензии.
Застарена опрема и безбедносни пропусти
Проблемите се однесуваат и на техничката заштита на системот. Во употреба сè уште има сервери и работни станици со оперативни системи за кои производителите повеќе не обезбедуваат поддршка, како и компјутери без ажурирана антивирусна заштита.
Ревизијата утврдила дека не се применува дополнителна заштита на корисничките сметки, не е воспоставена соодветна мрежна сегментација, а безбедносните надградби не биле ажурирани од 2023 година.
Недостатоци се констатирани и во физичката заштита на серверските простории. Пристапот до нив не се евидентира електронски и не е покриен со видеонадзор, системите за гасење пожар не се одржуваат редовно, а во некои подрачни единици резервното напојување е неисправно.
Дополнителен проблем е недоволната обученост на вработените. Последната обука за ИТ-вештини била реализирана во 2022 година, додека планираните набавки за обуки во 2024 и 2025 година не биле спроведени. Не биле реализирани ниту дополнителни активности за подигнување на свеста за сајбер-заканите и практични тестирања за препознавање безбедносни ризици.
Нема планови за работа во случај на сериозен инцидент
Фондот нема одобрени планови за континуитет во работењето и за обновување на системите по катастрофи. Не се утврдени ниту конкретните задолженија на одговорните лица во случај на инцидент поврзан со информациската безбедност.
Ревизорите посочуваат дека ваквата состојба може да доведе до подолготрајни прекини во функционирањето на информацискиот систем, губење податоци и неможност тие навремено да се обноват, што би можело да го наруши обезбедувањето услуги за граѓаните.
Дополнително, во 2024 година биле идентификувани безбедносни ризици и ранливости во мрежната опрема, за кои биле дадени препораки за надминување. Сепак, во периодот на ревизијата, Фондот сè уште немал преземено мерки за отстранување на утврдените слабости.
Државниот завод за ревизија препорачува донесување сеопфатна ИТ-стратегија, зајакнување на кадровските капацитети, унапредување на безбедносните процедури, редовно ажурирање на системите, подобрување на резервните копии и воспоставување планови за континуитет и обновување по катастрофи.








