Премиерот Христијан Мицкоски најави дека ќе побара разрешување на директорот и на Управниот одбор на Историскиот музеј „Крушево“ по случајот со снимањето на делови од музички спот во споменикот „Македониум“.
Станува збор за спотот „Секси мама“ на косовскиот рапер Дон Џони, чии делови биле снимени во внатрешноста на „Македониумот“. Просторот бил отстапен за снимањето за надомест од околу 500 евра.
„Ќе побарам од министерот за култура и туризам да биде разрешен директорт на таа институција заедно со членовите на Управниот одбор бидејќи таков тип на институции не треба да бидат изнајмувани и користени за такви намени. Им се извинувам на граѓаните поради тоа што е направен тој пропуст. Ќе се трудиме во иднина такво нешто да не се повтори. Така што, уште денеска ќе побарам Управниот одбор и директорот на таа културна институција да бидат разрешени“, изјави Мицкоски.
Директорот на Историскиот музеј „Крушево“, Миха Оџаклиески, објасни дека просторот бил отстапен врз основа на претходна одлука на Управниот одбор и дека не станува збор за првпат „Македониумот“ да се користи за снимање со надомест.
Тој посочи дека сцените од спотот со кревети и играње не биле снимени во „Македониумот“, туку на други локации. Според неговото објаснување, продукцијата пријавила дека просторот ќе се користи за снимање музички спот.
Случајот дополнително се отвори откако од Управата за заштита на културното наследство беше соопштено дека до нив не било доставено барање за користење на „Македониумот“ за снимање на спотот.
Министерот за култура Седат Сулејмани изјави дека случајот е чувствителен и дека ќе бидат разгледани правните аспекти, како и постапките според кои бил одобрен пристапот до заштитениот објект.
„Македониумот“ е споменик од особено значење и е заштитено културно наследство. Комплексот, дело на Јордан и Искра Грабулоски, е отворен на 2 август 1974 година во Крушево.
Случајот доаѓа во период кога споменикот се соочува со сериозни проблеми со одржувањето и заштитата. Во изминатиот период беа најавувани и преземани мерки за санација и конзервација на комплексот, кој со години има проблеми со оштетувања и влијанието на атмосферските услови.








