Тензична седница и физички пресметки меѓу пратеници од опозицијата и владејачкото мнозинство ја одбележаа денешната работа на албанскиот парламент во Тирана. Инцидентите се случија во време кога надвор од зградата се одржуваа протести, а политичките тензии во земјата се зголемени по неколкудневните демонстрации.
Седницата започна со блокирање на собраниската говорница од страна на пратеници на Демократската партија, главната опозициска сила. Тие бараа политичко решение за кризата и реагираа на постапувањето на полицијата за време на протестите. Претседателот на парламентот, Нико Пелеши, се обиде да ја продолжи седницата и да го прочита дневниот ред, но работата се одвиваше во напната атмосфера.
Според медиумските извештаи, расправијата меѓу пратениците ескалирала во физичка пресметка, со туркање и меѓусебни напади. Инцидентот дополнително ја наруши работата на парламентот, во кој требаше да се расправа и за барањето на опозицијата за итна интерпелација со министерот за внатрешни работи, Ервин Демо.
Amid violent protests in #Albania, opposition and ruling majority MPs physically clashed in Parliament this Thursday.
#Protest https://t.co/uIHtHYi6K1— Isa Myzyraj (@IsamyzyrajAlb) October 22, 2026
Барањето за интерпелација е поврзано со полициското постапување за време на протестите во изминатите денови.
Протестите во Тирана се одржуваат поради незадоволството од владините политики, обвинувањата за корупција и барањата за поголема одговорност на институциите. Во протестите учествуваат студенти и други граѓани, а дел од собирите прераснаа во судири со полицијата.
Претходните денови беа регистрирани инциденти во близина на владините институции, при што демонстранти фрлаа пиротехнички средства и молотови коктели, а полицијата интервенираше со специјални сили. Владата и опозицијата меѓусебно се обвинуваат за ескалацијата на состојбата, додека протестите го зголемуваат притисокот врз премиерот Еди Рама.
Судирот во парламентот покажува дека политичката конфронтација се прелева и во институциите, во момент кога земјата се соочува со повеќедневни протести и барања за политичка одговорност.








