Колективна тужба е поднесена во Федералниот суд на Австралија против технолошката компанија „Мета“, сопственик на „Фејсбук“ и „Инстаграм“, поради наводи дека платформите изложувале деца на штетни содржини и поттикнувале зависност од социјалните мрежи.
Тужбата, поднесена од адвокатската канцеларија „МинтерЕлисон“, е во име на осум лица кои тврдат дека претрпеле штета додека биле помлади од 18 години. Тие бараат отштета, наведувајќи дека содржините и алгоритмите на платформите имале негативно влијание врз нив.
Судот донел наредба со која се забранува објавување информации што би можеле да го откријат идентитетот на тужителите, како и детали од нивните поднесоци. Случајот би можел да стане првиот во Австралија во кој со колективна тужба се бара одговорност од социјалните мрежи за штета на децата и тинејџерите.
Од „Мета“ соопштиле дека се запознаени со тужбата и дека решително ќе се бранат. Правниот спор се води во време на зголемен притисок врз големите технолошки компании во Австралија, каде што е воведена забрана за користење социјални мрежи за деца под 16 години, а се разгледуваат и дополнителни мерки за ограничување на алгоритамски препорачаните содржини.
Слични обвиненија против „Мета“ се покренати и во САД, каде што компанијата се соочи со тужби поврзани со наводи дека нејзините платформи се дизајнирани да поттикнуваат зависност кај младите корисници.








