Животниот стандард на граѓаните продолжува да се влошува, цените на храната растат, а најавите за ново поскапување на струјата дополнително ја зголемуваат неизвесноста за семејните буџети. Ова го истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче, според кого три минимални плати веќе не се доволни за покривање на потрошувачката кошничка.
Филипче оцени дека граѓаните секојдневно ги чувствуваат последиците од економските политики на Владата, посочувајќи дека намалената куповна моќ се одразува врз секојдневните потреби на домаќинствата.
„Сѐ на сѐ еден страшен дебакл. Животот е сѐ поскап. Граѓаните ништо не може да си приуштат. Три минимални плати не се доволни за потрошувачката кошничка. Скапа е храната. Очигледно е дека пратејќи ги трендовите во последниот период ни следи и поскапување на струјата“, рече Филипче.
Тој ја обвини Владата дека не презема доволно мерки за справување со економските предизвици и дека граѓаните се оставени сами да се справуваат со зголемените трошоци за живот.
„Прво, Владата треба да има желба да се справи со кризата. Понатаму треба да има знаење и капацитет, а ништо од ова очигледно е дека го нема. И како тоа сега се реперкутира и како тоа граѓаните го гледаат, го гледаат во своите паричници и во своите фрижидери. И паричниците и фрижидерите на граѓаните се празни. И тоа е доказ дека оваа Влада апсолутно не знае како се води државата“, изјави лидерот на СДСМ.
Осврнувајќи се на Предлог-буџетот за 2027 година, Филипче рече дека во него не гледа простор за подобрување на животниот стандард, ниту мерки што би придонеле за економски развој. Како проблем го посочи и недостигот на средства за зголемување на платите во јавниот сектор.
„Сега се носи буџетот за следната година, после веќе многу брзиот ребаланс, што беше доказ за лошите економски политики. Нема пари за зголемување на платите во здравството, во образованието, во социјалата. Нема развојна компонента буџетот, немаше ни до сега“, рече Филипче.









