Димче Арсовски е нов директор на Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, откако досегашниот директор Бени Шаќири поднесе неотповиклива оставка од функцијата од лични причини.
Шаќири ја соопшти одлуката преку објава на Фејсбук, информирајќи дека на предлог на градоначалникот на Скопје, Орце Георгиевски, ќе продолжи да работи во неговиот кабинет како советник за култура.
„Почитувани граѓани, ја користам оваа прилика да ве известам дека повеќе нема да ја извршувам функцијата директор на Младинскиот културен центар – Скопје, со што поднесов неотповиклива оставка до градоначалникот на Град Скопје, Орце Георгиевски, од лични причини“, објави Шаќири.
Тој посочи дека од новата позиција ќе се обиде да придонесе за унапредување и развој на културата во главниот град.
На својот наследник, Шаќири му посака успех и трпение во раководењето со институцијата, изразувајќи уверување дека ќе даде максимум за да се справи со предизвиците со кои се соочува културата во изминатите години.









