Борче Ангелов и Илија Спасески се ослободени од обвинението за нападот врз Христијан Пендиков, поранешен секретар на бугарскиот клуб во Охрид. Основниот суд во Охрид ја донел одлуката на повтореното судење, откако предметот претходно бил вратен од Апелациониот суд во Битола.
Денешното рочиште траело околу два и пол часа, без изведување нови докази. Судот оценил дека не е докажано дека обвинетите го сториле делото што им се става на товар, ниту дека нападот бил мотивиран од етничка припадност, објави Бугарската национална телевизија.
Во претходната постапка, двајцата обвинети беа осудени на по осум месеци затвор за нанесување тешка телесна повреда. По жалбената постапка, Апелациониот суд во Битола го врати случајот на повторно судење, кое сега заврши со ослободителна пресуда.
Одлуката предизвика незадоволство кај адвокатот на Пендиков, Стефан Камишевски. Тој смета дека во текот на постапката не биле презентирани нови факти што би го довеле во прашање етничкиот мотив за нападот.
„За нас е неспорно дека делото е извршено од етнички причини. Во текот на целата постапка не се појавија никакви други факти или докази што би укажувале на друг мотив“, изјавил Камишевски.
Адвокатот посочил дека во оваа фаза Пендиков нема право лично да ја обжали пресудата, поради што следните чекори зависат од Обвинителството и евентуалната жалба до повисокиот суд.
Реакција имаше и од самиот Пендиков, кој ја оцени пресудата како срамна. Тој тврди дека, и покрај видеодоказите презентирани во постапката, обвинетите се ослободени од одговорност.
Пендиков оцени дека одлуката испраќа лоша порака до луѓето што се самоопределуваат како Бугари во Македонија. Тој исто така тврди дека од нападот на 19 јануари 2023 година наваму бил изложен на навреди, вознемирување и клевети, вклучително и кон неговото семејство.
„Денеска судот во Охрид донесе срамна одлука во мојот случај. За помалку од два часа, двајцата кои брутално ме претепаа беа ослободени од кривична и секоја друга одговорност“, напиша тој.








