Северна Македонија денеска доби честитки од своите стратешки партнери по повод 8 Септември – Денот на независноста, со пораки во кои се нагласуваат улогата на земјата во регионалната безбедност и нејзиното партнерство со САД и НАТО.
Американскиот државен секретар Марко Рубио, во име на американскиот народ, упати честитка по повод 35-годишнината од независноста на Македонија. Во пораката тој ја оцени земјата како доверлив сојузник и партнер на САД, истакнувајќи го нејзиниот придонес кон безбедноста и стабилноста во регионот.
Рубио посочи дека Северна Македонија има важна улога преку учеството во заедничките одбранбени активности, борбата против тероризмот и соработката во областа на сајбер-безбедноста.
Американскиот државен секретар воедно го поздрави и развојот на економските односи меѓу двете земји. Како области со потенцијал за дополнително продлабочување на соработката ги издвојува енергетиката, инфраструктурата и технологијата, а посебно го истакнува и овогодишниот Стратешки дијалог одржан во Вашингтон.
Честитка пристигна и од НАТО, кое на Денот на независноста ја поздрави Северна Македонија како своја сојузничка земја. Алијансата потсети дека Македонија е нејзина полноправна членка од март 2020 година.
Годинашниот 8 Септември има посебно значење, бидејќи се одбележуваат 35 години од референдумот за независност одржан во 1991 година. По речиси три децении од осамостојувањето, земјата стана членка на НАТО и денес е една од 32-те држави во Алијансата.
Во изминатиот период НАТО повеќепати го истакна придонесот на македонските војници во заедничките активности, вклучително и во рамките на истурените сили на Алијансата во Бугарија и Летонија, како и во мисијата КФОР на Косово.
При неодамнешната посета на Скопје, генералниот секретар на НАТО Марк Руте ја оцени Северна Македонија како цврст и ценет сојузник и ја нагласи нејзината улога во безбедноста на Западен Балкан. Во тој контекст беше посочено и дека земјата издвојува повеќе од два проценти од БДП за одбраната.
Честитките од Вашингтон и Брисел доаѓаат во година кога Македонија одбележува три и пол децении независност, со потврда од своите сојузници дека продолжува да има значајна улога во регионалната безбедност, одбраната и продлабочувањето на економската соработка.










