Добитокот што требаше да биде одземен со извршни решенија и натаму се движи низ Крива Паланка, влегува во земјоделски површини и се појавува на јавни места. Деновиве животни биле забележани и во дворот на средното училиште, информираше градоначалникот Сашко Митовски, најавувајќи кривични пријави против службени лица поради неспроведување на решенијата.
Општината ќе се обрати до надлежното јавно обвинителство со барање да се испита постапувањето на службени лица во Агенцијата за храна и ветеринарство и Агенцијата за управување со одземен имот. Од обвинителството ќе бара да утврди кој бил задолжен да ги спроведе решенијата, дали имало пропусти или злоупотреба на службената положба и дали со непостапувањето била доведена во прашање безбедноста на граѓаните.
Покрај кривичните пријави, Општината ќе поднесе и претставка до Државната комисија за спречување на корупцијата за да се испитаат евентуални коруптивни елементи. До Државниот управен инспекторат, пак, ќе побара вонреден надзор за да се утврди кои активности биле преземени по издадените решенија и каде запрела нивната реализација.
Митовски посочи дека Општината досега не добила конкретен одговор од надлежната Агенција за тоа кога ќе започне спроведувањето на решенијата. Тој рече дека барал и Општината да добие овластувања за да може самостојно да интервенира и да преземе одговорност за решавање на проблемот, но и на тоа барање сè уште нема одговор.
Градоначалникот ги повика граѓаните да им дадат поддршка на семејствата погодени од проблемот и мирно да побараат од институциите да ги спроведат веќе донесените решенија.









