Повеќе од 1.000 грла добиток неконтролирано се движат низ Крива Паланка, предизвикувајќи штети на приватни имоти, земјоделски површини и јавни простори, но и загрозувајќи ја безбедноста на граѓаните во сообраќајот. Поради тоа, градоначалникот Сашко Митовски денеска побара од Владата итно да прогласи 30-дневна кризна состојба на територијата на општината.
„Доволно е. Крива Паланка предолго ја плаќа цената на немоќта на институциите, неодговорноста и постојаното одлагање. Врз основа на заклучоците од Кризниот штаб, бараме Владата итно да прогласи 30-дневна кризна состојба и да ги обезбеди сите потребни ресурси за трајно решавање на проблемот со неконтролираното движење на крупниот добиток“, порача Митовски.
Тој побара државата да обезбеди специјализирани возила, стручни екипи, финансиски средства и соодветен простор за згрижување на животните. Планот, според градоначалникот, треба да вклучува нивно организирано заловување, безбеден транспорт и сместување, но и мерки со кои ќе се спречи повторување на ваквата состојба.
Митовски посочи дека од јануари 2022 година до надлежните институции се доставени стотици пријави и иницијативи, но досегашните реакции не донеле трајно решение. Поднесена е и кривична пријава за мачење животни, а во изминатиот период се евидентирани материјални штети, повреди на граѓани и уништување јавни површини.
Дополнителен проблем, како што информираше, е тоа што правосилните и извршни решенија за одземање животни од регистрирани одгледувалишта, донесени во 2024 година, сè уште не се реализирани во целост.
Покрај конкретната интервенција, градоначалникот побара од надлежните институции да достават информации за здравствената состојба на животните, спроведените ветеринарни прегледи и евентуалните епидемиолошки ризици.
„Доста е од голготата на граѓаните. Прогласете 30-дневна кризна состојба, мобилизирајте ги потребните ресурси и помогнете ѝ на Крива Паланка да стави крај на овој долгогодишен проблем“, порача Митовски.









