Плаќањето патарина според изминатата километража е моделот што го разгледува Министерството за транспорт, а неговата првична примена се планира на автопатот Кичево – Охрид. Министерот за транспорт Александар Николоски најави дека се подготвува законско решение за електронска наплата, за кое ќе биде побарана и експертска поддршка од Европската транспортна заедница.
Според најавите, новиот систем би овозможил возачите да плаќаат во зависност од тоа колкав дел од автопатот користат, наместо да издвојуваат иста сума без оглед на должината на патувањето. Николоски смета дека со ова ќе се намалат трошоците за дел од корисниците, ќе се забрза сообраќајот на наплатните станици и ќе се зголеми безбедноста.
„Нашата идеја е да се наплаќа по километар, што ќе биде многу поправедно од ова што се случува сега“, рече Николоски, наведувајќи го примерот со возачите од Демир Капија и оние што тргнуваат од Скопје кон Гевгелија, кои плаќаат иста сума на наплатната станица кај Смоквица и покрај различната должина на патувањето.
Министерот најави дека во изработката на законското решение ќе бидат вклучени експерти од Европската транспортна заедница. Тој очекува предлог-законот да биде претставен во текот на декември. Како пример од регионот ја посочи Хрватска, каде што се разгледува сличен модел, додека во Србија започнува примената на системот на обиколницата околу Белград.
Целосното пуштање во употреба на автопатот Кичево – Охрид е најавено за мај следната година, а доколку се реализира планот за новата наплата, системот подоцна би се проширил и на другите автопатски делници што се градат: Прилеп – Битола, Букојчани – Гостивар, Гостивар – Тетово и Кичево – Букојчани.
Николоски најави и активности за дигитализација на транспортот и воведување интелигентни транспортни системи. Пет закони од оваа област се на финални консултации со Европската Унија, а потврда од Брисел се очекува во текот на неделава. Според неговите проекции, интелигентен транспортен систем на Коридорот 10, од Табановце до Гевгелија, би можел да биде воведен до крајот на 2027 или почетокот на 2028 година, по што би следувал Коридорот 8.
На конференцијата на МАСИТ, посветена на вештачката интелигенција, вицепремиерот зборуваше и за подготовките за дигитален развој. Тој рече дека Владата работи на правна и административна рамка за примена на новите технологии, во согласност со Стратегијата за развој на ИКТ „SMART MK 2030“.
Како дел од овие активности ги посочи измените на законите за урбанистичко планирање и за градење, со кои се создаваат услови за развој на податочни центри. Во соработка со Министерството за дигитална трансформација, како што информираше, се работи и на подготовка на првиот државен национален податочен центар, а се очекува да се отвори простор и за поголема приватна инвестиција во оваа област.
Во железничкиот сектор, Николоски информираше дека пет закони се објавени на системот ЕНЕР за јавна консултација. За проектот за брза пруга на Коридорот 10, пак, е избран системот EMTC S2, со кој, според него, треба да се намали влијанието на човечкиот фактор и да се зголеми безбедноста во железничкиот сообраќај.









