Пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, на денешната собраниска седница за пратенички прашања побара од вицепремиерот Александар Николоски да се произнесе за продолжувањето на работењето на платформата за онлајн коцкање „Мегавин“, договорите со бугарската фирма МДД СОФТ и трошењето на средствата на Државна лотарија под раководство на актуелниот директор Александар Климовски.
Мојсоска потсети дека во септември 2024 година тогашниот вицепремиер Изет Меџити најавил укинување на „Мегавин“, но платформата и натаму функционира. Таа реагираше и на одложувањето на примената на новиот Закон за игрите на среќа до 2028 година, оценувајќи дека со тоа на приредувачите на игри на среќа им се остава дополнителен простор за работа.
Во однос на „Мегавин“, Мојсоска посочи дека договорот со бугарската фирма МДД СОФТ бил склучен во 2023 година од тогашниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, а на 13 јуни 2025 година актуелниот директор Александар Климовски потпишал анекс со истата фирма.
Таа наведе дека фирмата е застапувана од Денчо Димитров Ганев, за кого тврди дека има деловни релации со бугарскиот бизнисмен Васил Бошков. Мојсоска го критикуваше потпишувањето на анексот, имајќи предвид дека ВМРО-ДПМНЕ претходно го оспорувала договорот.
„Наместо да го преиспита договорот на Перпарим Бајрами и да ја укине платформата „Мегавин“, како што најавуваше вашата Влада, вмровскиот директор на Лотарија потпишува анекс на договорот со истата фирма“, рече Мојсоска.
Пратеничката отвори и прашања за трошењето на јавните средства на Државна лотарија за прославата на 35-годишнината од независноста. Таа побара поголема транспарентност за исплатите кон ангажираните лица и фирми, посочувајќи неколку случаи за кои смета дека треба да бидат разјаснети.
Меѓу нив се исплатата од 45.000 евра за проект за гледање фудбал, доделена на поранешен советник од ВМРО-ДПМНЕ во Општина Аеродром, договорот со „Авалон продукција“ врз основа на понуда од 100 страници разгледана во еден ден, како и можен судир на интереси кај претседателот на комисијата што ја одобрила понудата, а подоцна бил ангажиран и како автор во програмата за прославата.
Мојсоска побара одговор и за хонорар од 140.000 евра што, според нејзините наводи, Климовски го добивал од „Касинос Австрија“, а не бил пријавен во неговиот анкетен лист. Таа го спомена и корисникот на платформата „Мегавин“ со псевдоним „Нострадамус“, за кого тврдеше дека во еден ден остварил 178 добивки на онлајн покер и освоил 10 милиони евра.
На крајот, Мојсоска го повика Николоски да одговори дали ВМРО-ДПМНЕ ќе побара разрешување на директорот Климовски и затворање на платформата „Мегавин“.
Таа порача дека Државна лотарија е акционерско друштво во кое државата има удел и дека нејзините средства треба да се трошат транспарентно и во јавен интерес.








