Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, објави записник од седницата на Владата од 23 септември 2025 година, за кој тврди дека покажува оти министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска била информирана и предложила заклучоци поврзани со понудата за преземање акции од „Алта банка“ АД Белград. Тој побара нејзина оставка, истрага од Јавното обвинителство и вклучување на Европското обвинителство.
Според Филипче, записникот покажува дека Владата на предлог на министерката донела заклучоци за постапувањето на институциите кои поседувале акции опфатени со понудата за преземање од српската банка.
Се отворија шалтерите на „Алта банка“ во Битола, неколкупати интервенираше Итната помош
„Гордана Димитриеска-Кочоска да си поднесе оставка, лаже за Алта банка! ОЈО веднаш да отвори истрага и за Христијан Мицкоски и за Кочоска, да се вклучи и Европското обвинителство за да се провери текот на сите пари за Алта банка“, порача Филипче.
Тој побара одговор дали зад ваквото постапување имало директна комуникација со Давор Мацура и дали со одлуките му било овозможено да стекне поголем пакет акции на сметка на државата.
„Дали ова значи дека биле во директна комуникација со Давор Мацура и му овозможувале да се стекне со поголем пакет акции на сметка на државата? Срам сте! Ќе одговарате!“, напиша лидерот на СДСМ.








