Јавното обвинителство засега нема конкретен одговор дали ќе отвори постапка или ќе преземе истражни дејствија во врска со случајот со „Алта банка“. Државниот јавен обвинител Ненад Савески вели дека институцијата внимателно ја следи ситуацијата и ќе реагира доколку утврди индиции за кривично дело.
По денешната седница на Советот на јавните обвинители, Савески беше прашан дали македонското Обвинителство ќе го испитува случајот со „Алта банка“ АД Битола, чиј мнозински акционер, „Алта банка“ АД Белград, е во стечај. Во Србија веќе се води истрага во која, покрај сопственикот Давор Мацура, во притвор се и двајца вработени.
Савески посочи дека во овој момент не може да каже дали се исполнети условите за постапување, но нагласи дека Обвинителството нема да остане пасивно доколку се утврдат елементи на кривично дело.
„Како и секоја констатирана ситуација којашто буди особен интерес во јавноста, така и оваа ситуација се набљудува од страна на Јавното обвинителство и доколку детектираме дека станува збор за нешто што е поврзано со кривично-правен настан, ние немаме друг избор освен да реагираме. Меѓутоа, не можам конкретно да ви одговорам во овој момент бидејќи е прерано“, изјави Савески.
Одговарајќи на прашањето дали македонското Обвинителство веќе побарало информации од српските колеги за истрагата, Савески не потврди дека досега имало таква комуникација во врска со овој случај. Сепак, рече дека соработката со српските правосудни органи е добра и дека размената на информации би се одвивала без пречки доколку се утврди потреба од тоа.
„Ние имаме прекрасна соработка со колегите од соседна Република Србија, така што доколку има потреба од такви податоци и комуникација со правосудните органи од Република Србија, тоа секако дека непречено би се остварило“, рече државниот јавен обвинител.







