Европската Унија останува стратешка определба на Македонија, но процесот на проширување мора да се заснова на исполнување на критериумите и постигнатите резултати, а не на билатерални спорови. Ова го порача премиерот Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција со евроамбасадорот Михалис Рокас, по врачувањето на Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата за 2026 година.
Мицкоски истакна дека членството во Европската Унија за Македонија значи конкретни придобивки, како професионален развој, нови работни места, пристап до единствениот европски пазар и поголема безбедност.
Кос: Без уставни измени нема придвижување на европскиот пат за Северна Македонија
Сепак, тој повтори дека позицијата на Владата во однос на уставните измени останува непроменета и дека земјата очекува европскиот процес да се води врз основа на принципи и исполнување на реформите.
„Веруваме во Европа која ги почитува своите принципи, ние ќе продолжиме да работиме со истата посветеност“, порача Мицкоски.
Евроамбасадорот Рокас оцени дека Македонија покажува оти е сигурен партнер на Европската Унија и ги споделува нејзините стратешки приоритети. Тој ја истакна усогласеноста на македонската надворешна политика со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, особено во услови на сериозни меѓународни предизвици.
Рокас посочи дека земјата постигнала значително усогласување со европското законодавство и останува меѓу земјите кандидатки со највисоко ниво на подготвеност за членство.
Во Извештајот за 2026 година, Европската комисија нотира дека Македонија ја задржала целосната усогласеност со надворешната и безбедносната политика на Унијата и бележи активности во рамките на Планот за раст за Западен Балкан.
Сепак, во документот се констатира дека нема напредок во усвојувањето на уставните измени, кои се услов за отворање на првиот преговарачки кластер. Брисел укажува и на потребата од позначаен напредок во борбата против корупцијата, реформата на јавната администрација и зајакнувањето на владеењето на правото.








