Лекувањето на повредените во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ продолжува и по завршувањето на болничкиот третман, преку дополнителни операции, специјалистички контроли и рехабилитација. Со помош на медицинскиот тим од израелскиот медицински центар „Шеба“ досега се реализирани 16 хируршки операции и 24 специјалистички прегледи, информираше министерот за здравство Сашо Клековски.
На денешната прес-конференција беше посочено дека интервенциите на израелските и македонските медицински тимови главно биле насочени кон шаките и рацете на повредените, со цел подобрување и враќање на нивната функционалност.
Меѓу извршените медицински постапки се корекција на лузни, ослободување на контрактури, Z-пластика и пресадување кожни трансплантати со полна дебелина.
„Грижата за повредените во Кочани не заврши со болничкото лекување. Таа продолжува со операции, контроли и рехабилитација“, изјави Клековски, заблагодарувајќи им се на израелските лекари за поддршката и соработката со домашните медицински тимови.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“, што се случи на 16 март 2025 година, загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.








