Граѓаните кои имаат сметки во „Алта банка“ АД Битола, но немаат платежни картички, од утрово можат да ги подигнуваат парите на шалтер, соопшти гувернерот на Народна банка, Трајко Славески. Исплатата, како што соопшти тој засега се одвива непречено, а приоритет имаат пензионерите и примателите на социјална помош.
Сепак, пред филијалата во Битола утрово, како што објави Телма, имало нервоза и долги редици, а во неколку наврати интервенирала и Итната медицинска помош, откако на дел од граѓаните кои чекале им се слошило.
„За наши пари паѓаат луѓето, тука им се слоши“, реагирале дел од присутните пред банката.
На шалтерите влегуваат клиентите кои добиле СМС-порака со термин за исплата и немаат платежна картичка. За денеска биле повикани околу 400 граѓани, но се услужуваат и оние кои немаат оставено телефонски број за контакт, а самостојно дошле да ги подигнат средствата.
Според утврдените ограничувања, граѓаните можат да повлечат најмногу 20.000 денари во период од две недели. Пред филијалата, сепак, се собрале и граѓани кои не добиле покана, меѓу нив и повозрасни лица кои не користат мобилни телефони или бараат документи за да можат да отворат сметка во друга банка.
На средба со претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, Станка Трајкова, и директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Никола Мемов, Славески посочил дека се работи на создавање услови исплатата да се организира и во други градови во земјата.
Славески повторил дека парите на клиентите и понатаму се наоѓаат на нивните сметки во „Алта банка“, но дека привремените ограничувања се однесуваат на начинот на располагање со нив и се воведени за да се зачуваат ликвидноста и стабилноста на банката.








