СДСМ бара истрагата за возачот на генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, кој е осомничен за примање мито, да не заврши само со постапка против него, туку да се провери дали во случајот има и други лица.
Возачот, кој работел во Службата за општи и заеднички работи на Владата, е приведен под сомнение дека побарал 1.500 евра за посредување при вработување пожарникар во Град Скопје. За него е определен и 30-дневен притвор.
Од СДСМ велат дека треба да се утврди дали осомничениот навистина самостојно нудел влијание или зад случајот стојат и други лица.
„Возач нема моќ да вработува, но Јанушев има. Затоа истрагата мора да се прошири и да се утврди каква била улогата на Јанушев во овој случај“, порача опозициската партија.
Јанушев, пак, целосно се огради од постапувањето на возачот и ги отфрли обидите случајот да се поврзе со него или со неговата функција.
„Неговото постапување нема никаква врска со мене, со мојата функција, со моето работење или со каква било моја одлука или постапка“, изјави Јанушев. Тој додаде дека лицето претходно работело како возач и кај други функционери, а на оваа позиција било околу шест месеци.
Јанушев порача дека за вакви постапки треба да има нулта толеранција и дека доколку е сторено кривично дело, одговорноста треба да биде индивидуална.
Истрагата треба да покаже дали станува збор за индивидуален случај или евентуално постојат и други лица кои биле вклучени во обидот за посредување при вработувањето.








