Бугарија утре ќе прогласи ден на жалост по тешката сообраќајна несреќа на автопатот „Тракија“, во која загинаа најмалку 12 лица, а десетици се повредени, соопшти бугарскиот премиер Румен Радев, пренесува БГНЕС.
Радев изрази сочувство до семејствата на жртвите и им се заблагодари на службите за итна помош, полицијата, медицинските екипи и припадниците на армијата кои учествувале во спасувачката операција.
Несреќата се случил утрово, во близина на патниот јазол Зимница, во регионот Јамбол. Во верижниот судир учествувале десетици возила, меѓу кои камиони и патнички автомобили.
Повредените биле пренесени во болниците во Сливен, Јамбол и Бургас. Владата организирала и итна воздушна евакуација за најтешко повредените, кои по потреба требало да бидат префрлени во болници во Софија.
За поддршка на медицинската интервенција биле ангажирани и воени транспортни авиони „Спартан“.
Поради трагедијата, Радев ја откажал преостанатата агенда во Варна, каде што претходно се сретнал со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Била откажана и редовната седница на Владата.
Фон дер Лајен изразила сочувство до семејствата на загинатите и им посакала брзо закрепнување на повредените.
Според првичните информации, густата магла, намалената видливост и лизгавиот коловоз можеби придонеле за несреќата. Надлежните институции ги истражуваат причините и околностите под кои дошло до верижниот судир.









