Најмалку 11 лица загинаа, а 48 се повредени во две тешки верижни сообраќајни несреќи на автопатот „Тракија“ во Бугарија. Во судирите, кои се случиле во близина на градот Јамбол, учествувале повеќе од 50 автомобили, комбиња и камиони.
Несреќите се случиле утринава, во двата правци на автопатот, на делницата меѓу патните јазли Зимница и Кабиле. Како главни причини се посочуваат густата магла, намалената видливост, влажниот коловоз и неприлагодената брзина.
Според надлежните, првиот судир се случил нешто по 7 часот во правец кон Бургас, по што следувале нови удари и во спротивната лента. Некои возила биле превртени, смачкани, а дел од нив се запалиле. Меѓу учесниците имало и товарни возила, како и цистерна со пропан-бутан.
„Во моментов приоритет се спасувачките активности. Откако ќе завршат, ќе бидат спроведени истражните дејствија“, изјави главниот инспектор Тодор Мишинев од полицијата во Јамбол, посочувајќи дека во дел од возилата сè уште имало заглавени лица.
Повредените се пренесени во болниците во Јамбол и Сливен, каде се мобилизирани медицинските екипи за нивно згрижување. Дел од нив се во тешка состојба, а властите организираат и транспорт на најтешко повредените пациенти кон Софија.
Tragedy in Bulgaria. 10 people have died and over 50 were injured in a series of major crashes involving around 50 vehicles on the Trakia motorway near Yambol. Dense fog caused extremely poor visibility. 😭 https://t.co/AYu4pjvqaL
— една българка (@transbulgaria) November 10, 2026
Поради сериозноста на несреќата, автопатот е затворен во двата правци, а активирана е и системата за предупредување BG-Alert. Сообраќајот се пренасочува по алтернативни патишта, додека спасувачките екипи продолжуваат со извлекување на повредените и расчистување на теренот.









