Вишиот суд во Белград ѝ одреди 30-дневен притвор на директорката на компанијата „Алта груп“, Т. Б., додека вработената во благајната на „Алта банка“, Ј. П., ќе биде во домашен притвор со електронски надзор. Одлуките биле донесени во рамки на истрагата за сомневањата за финансиски злоупотреби и извлекување пари од трезорот на банката.
Според обвинителството, директорката на „Алта груп“ давала налози за изработка и реализација на фиктивни уплатници за дневен промет и уплати на сметката на претходно осомничениот сопственик на банката, Давор Мацура. За овие трансакции, како што се сомневаат истражителите, немало покритие во готовина, а благајничката ги спроведувала уплатите на сметката на компанијата. Потоа парите биле префрлани на приватната сметка на Мацура.
Судот соопшти дека притворот за директорката е одреден поради опасност да влијае врз сведоци и да го повтори делото, додека за благајничката е определена мерка забрана за напуштање на домот со електронски надзор, поради опасност од повторување на делото.
Двете се осомничени за помагање во злоупотреба на положбата на одговорно лице. Според истражните органи, на овој начин била прибавена противправна имотна корист од околу 45,56 милијарди динари (околу 380 милиони евра), на штета на „Алта банка“ и поврзани правни лица.
Нивното приведување е дел од проширената истрага во која на 26 ноември беа уапсени уште три лица, меѓу кои и специјален советник во банката, задолжен за оперативно-технички работи, логистика, имот и безбедност. Тој е осомничен дека неовластено влегувал во трезорот и изнесувал готовина, која потоа му ја предавал на Мацура.
Сопственикот на банката беше уапсен на почетокот на ноември, заедно со двајца вработени во трезорот. Истрагата се однесува на сомневања за извлекување стотици милиони евра во периодот од 2021 до октомври 2026 година.









