Украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази незадоволство од американската поддршка, обвинувајќи ја администрацијата на Доналд Трамп дека не врши доволно силен притисок врз Русија за прекин на војната, додека истовремено испораките на клучно оружје за Украина доцнат.
Во интервју за Би-Би-Си, Зеленски рече дека американските претставници во мировните преговори понекогаш се поблиску до позициите на Москва отколку до оние на Киев. Според него, обидот за целосна неутралност во однос на агресорот значи поддршка и за агресорот и за жртвата.
Тој посебно предупреди на сериозен недостиг од ракети за пресретнување балистички проектили и посочи дека САД ја одложуваат испораката на ракети за противвоздушните системи „Патриот“.
„Штета е што се фокусираат на Блискиот Исток, каде што помагаат повеќе. Имаме сериозни прашања за ова. Недостигот од вакви ракети…тоа се човечки животи“, изјави Зеленски.
Украинскиот претседател ја коментираше и објавата на Трамп со заедничка фотографија со рускиот претседател Владимир Путин, на која американскиот лидер го нарекол „мој пријател“. Зеленски оцени дека таквата порака е чудна, нагласувајќи дека Путин е агресор и дека не може да биде пријател.
Во интервјуто тој се осврна и на ограничената достапност на сателитските комуникациски системи „Старлинк“ и воената верзија „Старшилд“ во делови од украинската територија под руска окупација. Одговорноста за техничките прашања ја посочи кај компанијата „Спејс-Икс“, додека за политичката одговорност рече дека нема јасен одговор.
Зеленски истовремено порача дека Украина ќе продолжи да го брани Киев и покрај засилените руски напади врз градот и инфраструктурата, додавајќи дека одбраната на главниот град е од суштинско значење за опстанокот на државата.









