Реконструкцијата на студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“ во Скопје привршува, а објектот се очекува да биде отворен во јануари 2027 година, пред почетокот на вториот семестар од академската година. Инвестицијата е вредна 10 милиони евра, а по обновата домот ќе може да смести 280 студенти.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, денеска изврши увид во градежните работи, оценувајќи дека станува збор за значајна инвестиција во подобрувањето на студентскиот стандард.
Таа посочи дека обновата се реализира со поддршка на Европската Унија и Германската развојна банка (KFW), во рамки на проектот за реконструкција на девет државни студентски домови и шест државни училишта со ресурсни центри.

За целиот проект се обезбедени 86 милиони евра, од кои 60 милиони евра се средства од Германската развојна банка, 22 милиони евра се неповратни грантови од ЕУ, а четири милиони евра се од државниот буџет.
Јаневска потсети дека пред два месеца беше отворен реновираниот студентски дом „Стив Наумов“, со капацитет за 1.150 студенти, а со отворањето на „Кузман Јосифовски – Питу“ ќе се зголемат сместувачките капацитети и ќе се подобрат условите за студентите.

„Веќе видовте дека се работи за навистина одлични услови, високи стандарди за ваков тип на градби и очекувам студентите што ќе го користат овој дом да бидат задоволни, но и одговорни, за да можат што повеќе генерации да ги почувствуваат придобивките од ова јавно добро“, изјави Јаневска.
Вода тече од таваните во „Стив Наумов“, Јаневска отиде во обиколка за да увери дека „не тече никаде“









