Додека студенти од реновираниот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје објавуваа видеа од соби во кои протекува вода и се жалеа на бучава од радијаторијте, министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска се појави во домот за да провери какви се условите. По обиколката, таа пред камерите уверуваше дека нема протекување, иако студентите претходно алармираа за проблеми во објектот.
На снимка објавена од „Сител“ се гледа како Јаневска разговара со студенти и ги прашува дали имаат проблеми со влага, глувци и бубашваби. Еден од студентите се пожали и на храната, посочувајќи дека почесто добиваат кроасан и млеко.
Министерката потоа коментираше дека „не се распаѓа ништо, не тече ништо“, а провери и дали радијаторите греат. На прашањето дали се слуша бучава од парното, еден студент одговори дека кај нив нема таков проблем. Во друг дел од домот, Јаневска повторно пред камера изјави дека никаде не протекува вода.
Но, сведоштвата на дел од студентите и снимките што ги објави „Студентарија“ покажуваат поинаква слика. На видеата се гледа соба во која вода се разлева по подот, меѓу креветите и шкафовите, а студентите пријавиле и протекување од таваните и силна бучава од греењето.
Од „Студентарија“ посочија дека проблемите се појавуваат во дом кој оваа академска година повторно ги прими студентите по обемна реконструкција. Според нив, ваквите ситуации отвораат прашања за квалитетот на изведените работи и за тоа дали сите недостатоци биле отстранети пред вселувањето. Реконструкцијата на домот, како што потсетија, чинела околу 10 милиони евра.
„Ако има проблем, ќе го решаваме“, порача Јаневска.
Ова не е првпат по повторното отворање на „Стив Наумов“ да се пријавуваат проблеми. Министерството за образование и наука претходно потврди дека имало неколку инциденти, меѓу кои откорнат радијатор и активирање на алармниот систем. Според објаснувањето на Министерството, алармите се вклучиле откако била оставена храна во микробранова печка, но и поради пушење цигара во студентска соба.
Од Министерството тогаш оценија дека одредени недостатоци може да се појават при користењето на објектот, но посочија и на несовесно однесување на дел од студентите.






