Млада кафеава мечка била спасена од нелегално поставена жичена примка на локалитетот Чеплес, во близина на Солунска Глава, во координирана акција на ловното друштво „Руен“ од Велес, надлежните институции и ветеринарно лице од Зоолошката градина во Скопје.
Станува збор за машка мечка стара околу три години, тешка приближно 70 килограми. За животното да биде безбедно ослободено од затегнатата сајла, било стручно успиено, по што бил извршен ветеринарен преглед.
При прегледот не биле утврдени видливи повреди, па мечката била успешно ослободена и вратена во природното живеалиште.
Во акцијата учествувале членовите на ловното друштво „Руен“, претставници на надлежните институции, СВР Велес и ветеринар од Зоолошката градина во Скопје.
Од „Руен“ посочуваат дека случајот ја покажува важноста на координацијата меѓу институциите и стручниот пристап во спасувањето и заштитата на дивите животни.
Истовремено, упатија апел до ловците и граѓаните да бидат внимателни и веднаш да ги пријавуваат сомнителните случаи на криволов и поставување нелегални примки, кои претставуваат сериозна закана за дивиот свет.








