Втор трговски брод за два дена потона во ексклузивната економска зона на Бугарија во Црното Море. Либерискиот танкер за транспорт на гас „Гас Хаски“ потонал утрово на околу 50 наутички милји од бугарскиот брег, а во тек е спасувачка операција за пронаоѓање и спасување на 19-члениот екипаж, соопшти бугарското Министерство за одбрана.
Во операцијата се вклучени бугарски воени лица и воздухоплови. На местото каде што бил забележан сплав за спасување со луѓе бил испратен хеликоптер „Кугар“, пренесува „Еуроњуз“.
Танкерот исчезнал од радарот кратко по полноќ, а во 8:02 часот по локално време била активирана неговата итна пловечка сигнална пловка, која испратила сигнал дека бродот потонал.
„Гас Хаски“ пловел од Александрија, Египет, кон романското пристаниште Мидија. Ова е вториот трговски брод што потонал во бугарската економска зона во Црното Море во последните два дена.
Во понеделникот потона и товарен брод под сомалиско знаме, недалеку од местото на денешниот инцидент. Сите 12 членови на неговиот екипаж беа спасени.
Дронови напаѓаат бродови во Црното Море, затворени плажите во Сочи
Причините за двата инцидента се предмет на истрага. Засега нема официјални информации дали бродовите биле погодени од беспилотни летала.
Во изминатите неколку недели беа регистрирани повеќе напади со дронови врз трговски бродови во близина на Бугарија и Романија, кои аналитичари и политички лидери широко ги поврзуваат со руската војна против Украина, објави „Еуроњуз“.









