Цените на нафтата забележаа нов пад на светските берзи, при што суровата нафта „Брент“ се спушти на 91,62 долари за барел. Американската нафта WTI исто така поевтини и се тргуваше по 84,89 долари за барел.
Падот следува по значителното намалување на цените во претходните денови, а главната причина се очекувањата дека понудата на светскиот пазар ќе ја надмине побарувачката. Извозот на нафта од Блискиот Исток постепено се обновува, што ги намалува стравувањата од недостиг на енергенсот.
Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) проценува дека светскиот пазар на нафта во четвртиот квартал од годинава повторно ќе влезе во фаза на вишок на понуда, бидејќи испораките од Блискиот Исток се обновуваат побрзо од растот на глобалната побарувачка.
„Нафтата повторно се приспособува надолу, бидејќи пазарот сè повеќе прифаќа дека понудата ја достигнала побарувачката и би можела да ја надмине“, изјави Тим Вотерер, главен аналитичар во „КЦМ Трејд“.
И покрај падот, ризиците за снабдувањето не се целосно отстранети. Нападите врз танкери и енергетската инфраструктура во регионот на Персискиот Залив, како и неизвесноста околу Ормускиот Теснец, и понатаму влијаат врз пазарот.
Инвеститорите ги следат и следните одлуки на ОПЕК+, чии членки на 29 ноември треба да разговараат за производствената политика за 2027 година.









