Претседателката на Либерално-демократската партија и пратеничка, Моника Зајкова, бара јавно објаснување од Обвинителството за промената на правната квалификација во случајот со претепаната девојка од Охрид, откако првично МВР поднело кривична пријава за тешка телесна повреда, а обвинителството поднело обвинение за телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста.
Зајкова прашува врз основа на кои медицински наоди била направена промената, особено имајќи предвид дека, според информациите од МВР, девојката била физички нападната и изгубила свест.
„Ќе објасни ли некој како од тешка телесна повреда стигнавме до телесна повреда?!“, прашува Зајкова, барајќи Обвинителството јавно да соопшти по кој член и став е поднесено обвинението и кои конкретни наоди ја оправдуваат промената на квалификацијата.
Таа потсетува и на случајот со сериските убиства на жени во Старо Нагоричане, посочувајќи дека по ексхумации и дополнителни обдукции кај две жени било утврдено дека починале од насилна смрт. Според неа, претходното искуство е дополнителна причина за темелно и внимателно постапување во случаите на насилство врз жените.
Зајкова отвора и прашања за можните пропусти во истрагата, меѓу кои дали мобилните телефони биле одземени и дигитално-форензички вештачени, дали се проверени комуникациите на обвинетиот по нападот и дали се испитуваат наводите за можно прикривање докази или влијание врз сведоци.
Таа прашува и дали Обвинителството испитува евентуално постоење на кривичното дело „Помагање на сторител по извршено кривично дело“, нагласувајќи дека секој што евентуално помогнал во прикривање траги или избегнување одговорност треба да биде предмет на истрага.
Дополнително, пратеничката бара објаснување зошто Обвинителството првично побарало мерки на претпазливост, а дури потоа притвор за осомничениот. Таа прашува што се променило во процената на ризикот и кои нови околности довеле до барањето за притвор.
Зајкова бара надлежните обвинителски органи да го преиспитаат постапувањето во предметот, а доколку се утврдат професионални пропусти или незаконитости, да се покрене постапка за одговорност.
„Жртвата заслужува заштита, правда и достоинство. Не нова неизвесност и дополнително страдање“, порачува таа.
Корабоски обвинет за три кривични дела, доби 30 дена притвор за нападот врз Сара







