Дисциплинска постапка ќе се води на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје по инцидент во кој новороденче било повредено при отстранување на инфузија. Случајот се случил на 16 ноември, кога при интервенција на медицинскиот персонал со ножици бил пресечен дел од палецот на бебето, кое тогаш имало само два дена.
Од Клиниката го потврдија настанот и информираа дека веднаш по повредата бил повикан детски хирург. Новороденчето било пренесено на Клиниката за детска хирургија, каде што било оперирано.
Според информациите од ГАК, инфузијата била фиксирана со леплива лента и завој, а повредата настанала при обидот тие да бидат отстранети со ножици.
Случајот бил евидентиран како несакан настан и разгледан од Комисијата за квалитет. Закажан е и состанок на Дисциплинската комисија, која треба да ги испита околностите и да утврди дали има индивидуална одговорност.
Од Клиниката најавуваат дека доколку се утврдат пропусти, ќе бидат преземени најстроги мерки во согласност со законските прописи.









