Од вкупно 3.216 живородени деца на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во периодот од јануари до октомври годинава, 610 биле предвреме родени, односно околу 19 проценти. Ова го соопшти директорката на Клиниката, проф. д-р Ирена Алексиоска-Папестиев, по повод Светскиот ден на предвремено родените деца.
Таа појасни дека повисокиот процент во споредба со државниот просек се должи на тоа што Клиниката е национален терциерен центар, каде што се упатуваат бремености со висок ризик од целата држава.
Во периодот од 1 јануари до 31 октомври биле реализирани вкупно 3.266 породувања. Според податоците, во земјава околу 9 до 10 проценти од бебињата се раѓаат пред навршени 37 гестациски недели, што е над европскиот просек.
Од Клиниката посочуваат дека грижата за предвремено родените деца не завршува со нивното отпуштање од болница. Меѓу приоритетите за наредниот период се превенцијата и раното откривање на ризичните бремености, континуираното следење на растот и развојот на децата, како и обезбедувањето специјалистички прегледи и навремена интервенција.
Алексиоска-Папестиев истакна дека во подобрувањето на грижата значајна улога имаат и новата медицинска опрема и едукацијата на здравствените работници. Клиниката обезбедила 13 нови инкубатори, три беби-затоплувачи и ултразвучен апарат со три сонди, со кои се врши процена на мозокот, белите дробови и срцето кај новороденчињата. Во тек е и обновување на одделението за доносени новородени.
За грижата за предвремено родените бебиња зборуваше и д-р Елизабета Петковска, раководителка на Одделот за интензивна нега и терапија. Таа посочи дека во рамки на развојната нега се применува кенгурирање, односно близок контакт меѓу родителот и бебето, кој е дел од грижата за овие новороденчиња.
На одделот функционира и лактариум, каде што мајките можат да измолзуваат млеко за своите бебиња додека се на болничко лекување. Практиката е во согласност со препораките на Светската здравствена организација за ексклузивно доење и рана исхрана со мајчино млеко.
Покрај медицинската грижа, од Клиниката ја нагласуваат и важноста на поддршката за родителите, преку навремени информации, психолошка помош и нивно активно вклучување во грижата за детето.
На глобално ниво, секоја година предвреме се раѓаат околу 13,4 милиони бебиња, односно приближно едно од десет новороденчиња.
Според податоците на УНИЦЕФ за 2024 година, неонаталната смртност во земјава изнесувала 1,05, доенечката 2,26, а смртноста кај децата до петгодишна возраст 2,8 на 1.000 живородени деца. За споредба, просечната доенечка смртност во Европската Унија изнесувала 3,5 на 1.000 живородени деца.
Светскиот ден на предвремено родените деца годинава првпат се одбележува на 15 ноември, откако Светската здравствена организација го определи овој датум и формално го вклучи во својот календар.









