Народната банка официјално ја започна постапката за продажба на доминантниот акционерски пакет во „Алта банка“ АД Битола, со цел да се обезбеди нов сопственик и да се создадат услови за продолжување на работењето на банката.
На продажба се понудени 372.742 обични акции, односно 95,336 отсто од вкупниот број акции, кои се во сопственост на „Алта банка“ АД Белград, која е во стечај.
Продажбата ќе се реализира преку Македонската берза, според принципот „сè или ништо“, што значи дека заинтересираните инвеститори ќе мора да го преземат целиот пакет, без можност за купување само на дел од акциите.
Првата јавна берзанска аукција е закажана за 30 ноември 2026 година, со почетна цена од 3.777 денари по акција. Доколку не се најде купувач, нови аукции ќе се одржат на 1, 2, 3, 4 и 7 декември, при што почетната цена на секоја следна аукција ќе се намалува за 10 отсто во однос на претходната.
Заинтересираните инвеститори најдоцна до 19 ноември треба да достават барање до Народната банка за добивање претходна согласност за стекнување квалификувано учество во банката, како и писмена изјава дека располагаат со потребните средства за купување на акциите.
Постапката следува откако Народната банка ја воведе привремената администрација во „Алта банка“ Битола, по одземањето на дозволата за работа на нејзиниот доминантен сопственик во Србија. Целта е да се обезбеди нов сопственик, да се зачува стабилноста на банката и да се заштитат интересите на штедачите и клиентите.
Во меѓувреме, српските власти водат истрага против сопственикот на белградската „Алта банка“, Давор Мацура, под сомнение дека изнел големи финансиски средства од трезорот на банката. Нему му е одреден 30-дневен притвор.








