Нов закон за спречување и заштита од семејно насилство, кој предвидува и можност за користење електронски алки за сторителите, е поднесен во Собранието, информираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Најавата доаѓа по петицијата на Либерално-демократската партија (ЛДП) за воведување електронски нараквици како мерка за поголема заштита на жртвите.
Тошковски рече дека на законското решение се работело интензивно во изминатите пет до шест месеци, во соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади, граѓанскиот сектор, експерти, универзитетски професори, судии и обвинители.
Со новите законски измени се предвидува полицијата да добие пошироки овластувања за итно постапување и поефикасна реакција во случаите на семејно насилство.
– Верувајте ми, ова законско решение нема да ја реши состојбата со семејното насилство, но гарантирам дека ќе даде подобри резултати од оние што ги имаме сега – изјави Тошковски, изразувајќи очекување дека пратениците ќе го поддржат законот во најкраток можен рок.
Во однос на финансирањето на електронските алки, министерот се согласи дека за нивна набавка и користење би можеле да се издвојат средства од приходите од сообраќајните казни. На годишно ниво од нив се очекуваат околу 10 милиони евра, а една четвртина од сумата директно се слева во буџетот на Министерството за внатрешни работи. Тие средства, според Тошковски, законски можат да се пренаменат за подобрување на безбедноста, вклучително и за заштита од семејно насилство.
Осврнувајќи се на зголемениот број пријави, Тошковски рече дека ја разбира загриженоста во јавноста, но смета дека тоа пред сè е резултат на законските измени и поголемата охрабреност на жртвите да го пријавуваат насилството.
Тој посочи дека по измените на Кривичниот законик, кога ќе биде пријавена телесна повреда во рамки на семејството, полицијата презема кривично гонење по службена должност. Тоа, според презентираните податоци, придонело бројот на кривични постапки во 2026 година да биде за околу 50 проценти повисок во споредба со претходната година.
Дополнително, за 270 проценти е зголемен бројот на изречени мерки притвор поврзани со семејно насилство. Тошковски информираше дека 163 лица се во притвор или биле во притвор во текот на годината за кривични дела поврзани со семејно насилство.
– Факт е дека пријавите во Министерството за внатрешни работи оваа година се далеку помногубројни отколку претходно. Јас сакам да верувам дека тоа е така затоа што жртвите се охрабрија да пријавуваат, гледајќи партнер во рамки на Министерството за внатрешни работи како институција – рече министерот.
Тој откри и дека од почетокот на 2026 година се регистрирани седум смртни случаи како последица на семејно насилство. Според него, оваа бројка е идентична со онаа од 2022 година, што, како што оцени, покажува дека поголемиот број пријави не значи нужно и зголемување на реалниот број случаи.









