За помалку од три дена, 15.000 граѓани ја потпишале петицијата на Либерално-демократската партија (ЛДП) за воведување електронски нараквици за сторителите на семејно насилство. Од партијата велат дека интересот за иницијативата расте и бараат законското решение да биде усвоено во Собранието по итна скратена постапка.
Петицијата ја промовираше претседателката на ЛДП и пратеничка Моника Зајкова, а со неа се бара воведување електронско следење на сторителите на насилство кои имаат изречена мерка забрана за приближување до жртвата.
Предвидено е електронската нараквица да ја предупредува жртвата и да ги алармира надлежните институции доколку сторителот ја прекрши забраната и се приближи поблиску од законски дозволеното растојание.
Аларм пред насилникот да стигне до жртвата: ЛДП ќе собира потписи за електронски нараквици
Од ЛДП велат дека 15.000 потписи за помалку од три дена се показател за поддршката на граѓаните и упатија критики до парламентарното мнозинство поради недостигот на поддршка за предложените законски измени.
„Нема да застанеме додека ова законско решение не биде изгласано во Собранието по итна скратена постапка“, порачуваат од партијата, повикувајќи ги граѓаните да продолжат да ја поддржуваат петицијата.
Иницијативата на ЛДП е поврзана со измени на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство. Предлогот за воведување електронски нараквици беше поднесен во Собранието и минатата година, но не доби поддршка. На 18 март годинава, за предложените измени гласале 27 пратеници.









