Испраќањето на новиот Кривичен законик и Законот за кривична постапка до Европската комисија на мислење нема да значи дека ќе има повторно гонење за сомневањата за криминал од времето на претходната влада. Премиерот Христијан Мицкоски појасни дека за евентуалните кривични дела сторени во тој период ќе продолжи да важи законот што е поповолен за обвинетите, односно измените на Кривичниот законик донесени во 2023 година.
Мицкоски тврди дека тогашните измени, кои беа усвоени по скратена постапка со европско знаменце, имале цел да ги амнестираат поранешните функционери од одговорност за дела за кои постоеле сомневања за криминал.
– Тоа не значи дека оние основани сомневања што постојат за сторен криминал од претходната влада ќе бидат гонети, бидејќи тие секогаш имаат можност да се повикаат на за нив поблагиот закон, во случајот е оној закон кој си го скроија за да се амнестираат. Овие измени се за отсега па натаму – изјави Мицкоски.
Тој ги критикуваше поранешните влади на СДСМ и ДУИ, обвинувајќи ги дека со злоупотреба на европското знаменце ги протуркале измените во 2023 година за да ги намалат казните за одредени кривични дела. Според неговото толкување, освен заштитата на поранешни функционери, целта била да се обезбеди и политичка поддршка од делови на тогашната опозиција за уставните измени.
– Секогаш кога ќе слушнете од ДУИ и СДСМ да ви зборуваат за борба против криминал и владеење на право, тогаш треба да се сетите дека токму тие се тие кои го нанесоа фаталниот удар во борбата против криминалот и корупцијата – рече Мицкоски.
Сепак, принципот на примена на поблагиот закон не се однесува само на поранешните функционери. Тоа значи дека доколку новиот Кривичен законик биде усвоен, за кривични дела сторени пред неговото стапување во сила ќе се применува законот што е поповолен за сторителот, без оглед на тоа во чиј владин мандат биле сторени. Оттука, измените од 2023 година би можеле да бидат релевантни и за евентуални кривични дела сторени во изминатите две години од актуелната власт.
Мицкоски оцени дека со испраќањето на новите законски решенија во Брисел актуелната Влада покажува поинаков пристап кон борбата против криминалот и корупцијата, но нагласи дека новите правила ќе важат за кривичните дела во иднина.
Владата очекува мислење од Европската комисија, по што треба да започне собраниската постапка за нивно усвојување.
Новите законски решенија се подготвуваат по повеќегодишен процес
Министерството за правда ги достави двата нацрт-закона до Европската комисија за мислење, а истовремено ги објави и на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што граѓаните, стручната јавност и организациите можат да достават забелешки и предлози.
Новиот Кривичен законик се подготвува од 2019 година, а работната група предводена од академик Владо Камбовски во периодот од 2020 до 2026 година работела на неговото усогласување со европските стандарди. Во текстот се вградени 33 директиви на Европската Унија, а биле разгледани повеќе од 50 мислења и предлози.
Паралелно е изработен и нов Закон за кривичната постапка, под раководство на професорката Гордана Лажетиќ и работна група од 25 членови. Текстот, кој бил финализиран во октомври годинава, опфаќа усогласување со 25 европски директиви и стандарди.
Меѓу предложените новини се поефикасна конфискација на имот, унапредување на финансиските истраги, користење електронски докази и посебни истражни мерки, како и подобра заштита на жртвите. Предвидена е и можност за одржување судски рочишта и изведување докази на далечина.
Од Министерството за правда посочуваат дека реформата треба да овозможи поефикасно гонење на криминалот и корупцијата и поправични судски постапки, но нејзините резултати ќе зависат од примената на законите во пракса.
По речиси три децении се подготвува нов Кривичен законик, испратен е во Брисел на мислење









