И покрај влошената енергетска состојба во Европа и растот на цените на енергентите, Владата ќе се обиде да спречи нови поскапувања на електричната енергија во земјава. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека АД ЕСМ на јавниот повик на ЕВН Хоум ќе достави понуда со истата цена како минатата година, без да бара нејзино зголемување.
Мицкоски, при посетата на Гази Баба, оцени дека состојбата на европскиот енергетски пазар е сериозна и дека наместо стабилизација, во последните месеци се бележи дополнително влошување.
Како причини за ваквите движења ги посочи нефункционирањето на дел од нуклеарните централи, ниските водостои и намалените количества природен гас во складиштата.
– Состојбата во Европа е жестоко алармантна. Кога зборувам жестоко алармантна, зборувам за нуклеарни централи кои не работат, низок водостој, ниски нивоа на гас во складиштата. И ова се случува во континуитет некаде од втората половина на август, сега сме веќе на средината на ноември и не само што состојбата не се смирува, туку, напротив, се влошува – изјави премиерот.
Тој посочи дека Владата, преку државната компанија АД ЕСМ, подготвила модел со кој би се задржала постојната цена на електричната енергија. Во изминатите денови, како што информираше, биле разработувани бизнис-модел и план со кои државната компанија би можела да ја исполни обврската без да бара повисока цена од досегашната.
– Ние како Влада, односно АД ЕСМ, на јавниот повик на ЕВН Хоум ќе достави понуда која ќе биде со иста цена како минатата, значи нема да бара зголемување на цената. Така што, што се однесува до државата, ние ќе се трудиме да останеме на нула, односно да нема поскапување – рече Мицкоски.
Премиерот, сепак, направи разлика меѓу државните и приватните компании, посочувајќи дека Владата не може да гарантира дека нема да има промени во цените кај приватните субјекти, бидејќи тие самостојно ја водат својата деловна политика.
Дополнително, Мицкоски најави дека целта на новиот бизнис-модел е АД ЕСМ да оствари профит до крајот на 2027 година.
– Производот ќе биде по иста цена, зборувам за државната компанија АД ЕСМ, а на крајот од 2027 година ќе целиме на профит којшто би го остварила оваа компанија. Таков е овој бизнис-модел што го креиравме и сега треба да видиме дали ќе функционира – нагласи тој.
Претходно, Мицкоски оцени дека Македонија и покрај европската енергетска криза има убедливо најниски цени на дизелот, безоловниот бензин, електричната енергија и затоплувањето во Европа, додавајќи дека Владата ќе продолжи да презема мерки за да се избегнат поскапувања.
ЕСМ ќе се потпира на јаглен од Косово и мазут од Солун за зголемување на производството на струја









