Полскиот нуркач Бартоломиеј Питала, кој ја предводеше експедицијата за истражување на подводната пештера Врело во Матка, е прогласен за почесен граѓанин на Скопје. Одлуката беше донесена на денешната седница на Советот на Град Скопје.
Питала беше на чело на тимот кој на 17 октомври годинава достигна длабочина од 338 метри во пештерата Врело, поставувајќи нов светски рекорд во истражувачкото нуркање. Со тоа беше надминат претходниот рекорд од 287 метри за 51 метар.
Од Град Скопје посочуваат дека достигнувањето е особено значајно за меѓународната спелеонуркачка заедница и претставува потврда на истражувачкиот потенцијал на Врело, која е прогласена за споменик на природата.
Експедицијата „Врело 2026“ се одржа од 10 до 17 октомври, а во неа учествуваа 15 нуркачи од Македонија, Полска и Италија.
Со истражувањето се поставени рекорди во три категории: најдлабоко истражена пештера од човек, најдлабоко нуркање во пештера и најдлабоко длабинско нуркање на отворени води. Врело со постигнатите резултати се најде на врвот на светската листа, пред пештерите Фонт Естрамар во Франција и Елефанте Бјанко во Италија.








