Државниот завод за ревизија утврдил дека ЈП „Железници на Република Северна Македонија – Инфраструктура“ со години работи со загуби, а железничката инфраструктура е застарена, недоволно одржувана и делумно нефункционална. И покрај одобрените заеми од 191,4 милиони евра за изградба и реконструкција на пругите, 44 отсто од средствата сè уште не се повлечени.
Според конечниот ревизорски извештај за 2024 година, претпријатието минатата година остварило загуба од 188,7 милиони денари, а заедно со загубите од претходните години вкупниот негативен финансиски резултат достигнал 4,7 милијарди денари.
Ревизорите предупредуваат дека континуираните загуби го ограничуваат тековното и идното работење на претпријатието и го доведуваат во прашање ефикасното управување, одржувањето и безбедноста на железничката инфраструктура.
Еден од најсериозните проблеми е долгогодишното доцнење на проектите за изградба и реконструкција на источниот дел од Коридорот 8. Ревизијата утврдила отсуство на системски пристап и недоволна подготвеност во планирањето и проектирањето, поради што се појавиле дополнителни работи, измени на проектите и зголемување на договорните вредности.
Така, вредноста на договорот за првата делница Куманово – Бељаковце е зголемена за 96 отсто во однос на првично договорената, односно за дополнителни 39,7 милиони евра. Рокот за завршување на проектот е пролонгиран за осум години и три месеци, меѓу другото, поради грешки во проектната документација, несоодветни технички решенија и потреба од дополнителна експропријација.
Кај втората делница Бељаковце – Крива Паланка, договорот за изградба во вредност од 155 милиони евра е склучен дури во јули 2022 година, односно 18 години по запирањето на градежните работи и осум години по склучувањето на договорот за заем. Предвидениот рок за завршување е 23 октомври 2026 година.
Дополнителен финансиски товар се и провизиите за одобрените, но неповлечени кредити. Од вкупно 191,4 милиони евра одобрени заеми, 44 отсто сè уште не се искористени, а до крајот на 2024 година државата платила 7,78 милиони евра провизии за неповлечените средства. Само во 2024 година за оваа намена биле исплатени 536 илјади евра, додека каматите за заемите изнесувале 2,85 милиони евра.
Ревизијата открила и дека 33 отсто од материјалните средства во подготовка биле набавени пред 15 години, но воопшто не биле искористени, што отвора прашања за оправданоста на набавките и можноста за намалување на нивната употребна вредност.
Проблеми се констатирани и во имотната евиденција. За земјиште во вредност од 7,2 милијарди денари не се обезбедени имотни листови, 91 отсто од градежните објекти, во вредност од 12,7 милијарди денари, не се евидентирани во катастарот на инфраструктурни објекти, а за 88 отсто од останатите градежни објекти претпријатието нема имотни листови со кои би ја докажало сопственоста.
Според ревизорскиот извештај, железничката инфраструктура е застарена, недоволно одржувана и делумно нефункционална. На делови од главните коридори 10, 10д и 8 возовите сообраќаат со намалена брзина поради дефекти, застарени системи и опожарени прагови, додека на одредени делници железничкиот сообраќај е целосно запрен. Ревизорите посочуваат дека повеќе од 40 години нема значајни инвестиции во инфраструктурата, што ги загрозува безбедноста и капацитетот на железничкиот сообраќај.
Недостигот од кадар е уште еден проблем. Од 1.314 систематизирани работни места пополнети се 718, односно 54 отсто. Дополнително, 30 отсто од вработените не ги исполнуваат посебните услови за степен или вид на образование предвидени со систематизацијата.
Ревизорите утврдиле и дека од 2020 година недостигот од кадар се надоместува со привремено распоредување на постојни вработени, наместо со постапки за вработување или унапредување. Од 96 вработени распоредени со времени решенија во 2024 година, 55 отсто не ги исполнувале посебните услови за работното место.
Во извештајот се наведени и неправилности во управувањето со залихите, при што 75 отсто од нив, во вредност од 250,7 милиони денари, се постари од 2019 година, а не била утврдена нивната нето-реализациска вредност.







