Либерално-демократската партија (ЛДП) бара независна меѓународна експертска проверка на случајот со АЛТА банка, целосен отчет за одлуките со кои бил овозможен влез во македонскиот банкарски сектор и гаранции за заштита на штедачите и компаниите. Од партијата ја обвинуваат власта дека дозволила политички поврзан странски капитал да добие влијание врз македонската економија.
Во партиското соопштение се оценува дека случајот со АЛТА банка не е изолиран настан, туку показател за пошироки ризици поврзани со влезот на капитал од балкански олигархиски кругови, блиски до политичките центри на моќ во Унгарија и Србија.
Уапсен сопственикот на „Алта банка“, Давор Мацура, по повеќе од 30 часа полициски претреси
Од ЛДП тврдат дека актуелната власт ги промовирала и поддржувала странските инвеститори, без соодветно да ги земе предвид можните последици од нивното работење. Според партијата, последиците од ваквите деловни и политички поврзувања сега се чувствуваат и во Македонија, преку замрзнати сметки и блокирани бизниси, што создава неизвесност кај компаниите и граѓаните.
„Наместо силна, независна пазарна економија, добивме увоз на туѓо финансиско цунами во режија на Владата“, наведуваат од ЛДП.
Од партијата бараат да се утврди кој ги одобрил влезовите на спорните инвеститори во банкарскиот сектор и дали институциите навремено ги процениле ризиците. Инсистираат и на гаранции дека штедачите и компаниите нема да ги почувствуваат последиците од случувањата.
ЛДП смета дека одговорност мора да има и за политичарите и институционалните претставници кои, според нив, овозможиле вакви деловни аранжмани. Партијата најавува дека по завршувањето на кризата ќе бара оставка од гувернерот на Народната банка, како и расчистување на институциите од политички влијанија.
„Граѓаните нема зошто да ја плаќаат цената на туѓите економски авантури и регионални партиски лобирања“, порачуваат од ЛДП.







